„Малите тркала за голема промена“ – да се подигне свеста за алтернативните начини на транспорт
Во еколошкиот календар 22 септември е запишан како Меѓународниот ден без автомобили. За да се заштити околината од штетните издувни гасови што ги испуштаат автомобилите, како и големата бучава што ја создаваат, сите треба да го избегнуваат превозот со нив.
Како дел од Европската недела на мобилност ширум светот се одбележува Меѓународниот ден без автомобили. Овој ден има цел да ја крене свесноста кај возрасните за зачувување на чиста, здрава и зелена животна средина, како и применување еколошки транспортни решенија (јавен транспорт, пешачење и велосипедизам). Одбележувањето на овој ден треба да ги поттикне граѓаните да замислат еден поинаков град кој ќе биде во функција на луѓето, а не на автомобилите.
Општина Прилеп се приклучува кон Меѓународниот ден без автомобили со органзирање на настан – Во недела, 22 септември, со почеток во 11:00 часот, пред Камената Бина во Прилеп, ќе се одржи настанот „Малите тркала за голема промена“ по повод Меѓународниот ден без автомобили. Оваа година, најмладите ќе бидат во фокусот – дечињата ќе возат тротинети низ центарот на градот, симболично придонесувајќи кон поеколошка иднина.
Апелираме до родителите чии дечиња сакаат да учествуваат на овој настан да обезбедат соодветна заштитна опрема со цел децата безбедно да ја извозат предвидената рута.
На голема радост на сите деца оваа дружба ќе биде збогатена со убава музичка програма.
Настанот има за цел да ја подигне свеста за алтернативните начини на транспорт, да го намали загадувањето и да ја поттикне физичката активност кај децата. Придружете ни се и заедно да ја поддржиме иницијативата за почист и поодржлив град!