| | |

(видео) Прес-конференција за градската слава Св.Никола

Градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, заедно со сопствениците на „Бим Фуд“ и „Матадор“ – годинашни домаќини – одржа прес-конференција посветена на подготовките за градската слава Свети Никола, која годинава ја одбележува и 20-годишнината од прогласувањето на светецот за заштитник на градот.

Проданоски најави дека покани за присуство ќе бидат испратени до државниот врв, како и до градоначалници од Пелагонискиот и Југозападниот регион. Тој упати покана до сите граѓани на Прилеп и Македонија да бидат дел од празникот, истакнувајќи дека славава има и духовно, и социјално, и економско значење за градот.

Советничката за култура, Светлана Ристеска, потсети на традицијата што започна во 2006 година, изградбата на параклисот кај Куршумлијан и постната трпеза што секоја година се организира на плоштадот. Таа го истакна и рекордот од 80.191 виткана сарма во 2009 година, со кој Прилеп влезе во Гинисовата книга на рекорди.

Годинашната програма опфаќа литургија, осветување на празничниот колач, постен ручек за сите граѓани, настап на Тајфата, изложба на икони во Ликовниот салон и хуманитарен турнир во мал фудбал.

Интерес за домаќинството за 2026 година досега изразила компанијата „Рустика“.

Градоначалникот порача дека општината ќе ја продолжи традицијата и ќе ги поддржува сите манифестации што го зајакнуваат заедништвото во градот.

Слични Објави