По убиството во Велес – Итно воведување електронски нараквици за насилниците – трагедијата на Росица и нејзиниот татко да биде последна
Трагичниот случај во Велес, кога беа убиени младата Росица и нејзиниот татко, повторно ја актуализира потребата од поефикасна заштита на жртвите на семејно насилство. Либерално-демократската партија (ЛДП) денеска побара итно усвојување на измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, со кои се предвидува воведување електронска нараквица за насилниците.
„Доколку измените поднесени од страна на нашата пратеничка и претседателка, Моника Зајкова, во овој момент беа на сила – насилникот ќе носеше електронска нараквица, а денес Росица и нејзиниот татко сѐ уште ќе беа живи,“ изјави Цветанка Геговска, членка на Извршниот одбор на ЛДП.
Според ЛДП, електронската нараквица е уред што ја предупредува жртвата доколку сторителот се приближи на оддалеченост помала од 100 метри. Овој систем, велат од партијата, значително го зголемува степенот на безбедност и ја намалува можноста за повторно изложување на насилство.
„Ги повикуваме сите пратеници, без разлика на нивната партиска, етничка или верска припадност, да гласаат за измените и да ја воведеме електронската нараквица. Време е да ставиме крај на овие трагедии и тажни појави во нашето секојдневие. Нека трагедијата на Росица биде последна,“ додаде Геговска.



