„ДЕВА„ обичај кој се слави само во Крушево и во Витлеем

Денес, 5 јануари, Крушево повторно е домаќин на еден од најстарите и најубави православни обичаи – „Дева“. Со почеток во 17:00 часот, на градскиот плоштад во Крушево, во пресрет на големиот христијански празник Божиќ, се одржува традиционалната манифестација која го најавува Неговото раѓање.



Општина Крушево ги поканува сите граѓани и посетители денес, 5 јануари 2026 година, во 17:00 часот на Градскиот плоштад „Никола Мартиновски“, да присуствуваат на манифестацијата „Дева – во чест на Неговото раѓање“, организирано од крушевските средношколци од СОУ „Наум Наумоски – Борче“ кои не потсетуваат на вековната, уникатна, предбожиќна традиција во Крушево. Во празнична атмосфера ќе има посна трпеза, топли напитоци и собирање доброволни средства за првото новородено дете. Во Крушево, вечерва младите момци со ѕвезда и песна од куќа на куќа ја носат радосната вест за Христовото Рождество.“ стои во покантата од крушевскиот градоначалник Нико Чонески

„Дева“ е обичај стар стотици години, длабоко вкоренет во духовниот и културниот идентитет на Крушево. Според преданијата, крушевските печалбари го пренеле од Русија, а денес се празнува само во Крушево и во Витлеем. Посебноста на обичајот ја носат младите момчиња, кои со шестокрака ѕвезда и песната „Дева, Деване…“ ја објавуваат радосната вест за раѓањето на Исус Христос.

Предбожиќни песни, навестувања и голем број рачно изработени црвени шестокраки ѕвезди ја исполнуваат атмосферата, симболизирајќи ја онаа светлина што, според верувањето, се појавила над Витлеем при Христовото раѓање.

Во текот на вечерта, младите момчиња со црвената ѕвезда се упатуваат од порта до порта, тропаат, ја пеат „Дева, Деване“, добиваат благослови и дарови – како што налага вековниот адет. И така, до доцна во петтојануарската ноќ, Крушево ја живее својата духовна приказна.

Слични Објави