| |

Македонската традиционална кујна во Пустец-Албанија

Со присуство на Македонци од сите делови на Мала Преспа и пошироко, како и претставници на македонската Амбасада, денеска во Пустец, седиштето на истоимената општина, се одржа Саем на македонска традиционална кујна.

Настанот беше организиран од македонскиот активист Панде Симонофски, со поддршка преку Јавниот повик за проектни апликации наменет за правни и физички лица од дијаспората на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Саемот прерасна во вистинска прослава на македонската традиција, култура и заедништво, информираа од македонската Амбасада во Албанија.

Амбасадата беше претставена од првиот секретар и конзул, Радмила Стојмировска, која со своето присуство ја истакна континуираната поддршка за активностите на македонската заедница во Република Албанија, како и за зачувување на националниот идентитет, јазикот и културното наследство. Од Амбасадата упатија искрени честитки до организаторите и учесниците и порачаа дека остануваат посветени на поддршка на вакви иницијативи кои ја негуваат и пренесуваат македонската традиција на идните генерации.

На настанот присуствуваше и Едмонд Темелко, претседател на друштвото „Преспа“ и поранешен градоначалник на општина Пустец, кој го оцени саемот како настан исполнет со вкус, мирис, традиција и емоции.

„Со срце и љубов, вредните преспански домаќинки ни подарија вистинско гастрономско доживување. Ова не беа само јадења, туку спомени, чувства и идентитет преточени во вкус“, истакна Темелко.

Тој додаде дека во духот на македонската песна и традиција, со заедништво и гордост, уште еднаш е потврдена љубовта кон корените.

„Ова не беше само саем, туку празник на идентитетот, културата и традицијата. Да ја чуваме и пренесуваме македонската традиција, затоа што таа нè прави тоа што сме“, порача Темелко.

Слични Објави