Кардиналот Маркс со велигденска порака: „Она што нè поврзува е посилно од поделбите“
Минхенскиот кардинал Рајнхард Маркс упати велигденска честитка до православните христијани, кои годинава го слават Воскресението на 12 април, нагласувајќи дека заедничките вредности се посилни од разликите.
Во пораката за радиоемисијата „За недела“, која ќе се емитува на „Бајерн 2“, Маркс истакнува дека суштината на христијанската вера е надежта дека животот победува над смртта.
„Она што нè поврзува е верувањето дека смртта го нема последниот збор. Не победуваат оружјето и омразата, туку мирот и љубовта“, порачува кардиналот.
Тој потенцира дека христијаните имаат повеќе заедничко отколку што ги разделува, и повика на заедничко славење на Велигден како силен симбол на единство во свет исполнет со конфликти и тензии.
Маркс ја изрази и надежта дека наскоро ќе се постигне договор за заеднички датум за Велигден меѓу сите христијани, што, според него, би било значаен чекор кон мир и разбирање меѓу народите, религиите и различните општествени групи.
Тој потсети дека и папата Франциско, како и папата Лав Четиринаесетти, покажале подготвеност за ваков договор, во соработка со вселенскиот патријарх Вартоломеј I.
„Големата цел на екуменизмот останува видливото единство на христијанството. Заедничкото славење на Велигден не е споредна работа – време е да се постигне договор“, заклучува Маркс.



