По 10 години пауза, повторно оживува Прилепскиот дувачки оркестар
По десет години пауза, повторно започна со работа еден од најпрепознатливите музички симболи на градот – Прилепскиот дувачки оркестар. Возобновувањето на оркестарот се реализира со почетна логистичка и финансиска поддршка од Општина Прилеп, во согласност со можностите и програмските активности на новиот состав.
Првиот јавен настап на возобновениот оркестар ќе биде во рамки на карневалот „Прочка 2026“, а програмата ќе се темели на оригиналност и разновиден репертоар.
Градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, присуствуваше на првата проба на оркестарот и истакна дека Општината континуирано инвестира во културата и во зачувувањето на локалниот културен идентитет. Тој изрази задоволство што по десетгодишен прекин, Градскиот дувачки оркестар повторно е активен и составен од млади, професионални и талентирани музичари од Прилеп, кои продолжуваат традиција подолга од еден век.
Прилепскиот дувачки оркестар привремено ќе ги одржува своите проби во просториите на ООУ „Блаже Конески“, а во составот се вклучени академски образовани млади музичари од градот. Како дел од идните активности, оркестарот ќе учествува на градски празници, свечености и културни манифестации.
Инаку, градот Прилеп, со одредени прекини низ годините, последен пат имал активен градски дувачки оркестар до 2015 година. Традицијата на вакви оркестри датира од 1924 година, кога бил формиран првиот прилепски дувачки оркестар. Во 1930 година бил основан и првиот поголем состав од околу 20 членови, предводен од диригентот Ѓорѓи Шабаноски – Шабанче.
Во подоцнежниот период, значаен придонес за развојот и зачувувањето на оваа традиција имал и Илија Јанчулески, кој со генерации музичари ја одржувал оваа културна вредност, информираат од Општина Прилеп.



