ПРИЛЕПЧАНИ СТРАВУВААТ ЗА СВОИТЕ ЗАШТЕДИ – РЕДИЦИ ПРЕД АЛТА БАНКА, СТАРИТЕ РАНИ ОД ЕУРОСТАНДАРД СÈ УШТЕ БОЛАТ
Привремените ограничувања и затворените шалтери на Алта банка предизвикаа вознемиреност кај клиентите во Прилеп. Иако финансиските показатели на банката укажуваат на солидна ликвидност и капитализираност, граѓаните бараат сигурност дека нивните пари се безбедни. За дел од нив, стравот не е непознат – искуството со Еуростандард банка сè уште е болно сеќавање.
Загриженост, неизвесност и страв за сопствените пари. Ваква е атмосферата меѓу дел од клиентите на Алта банка во Прилеп, каде што денеска граѓани се собираат пред експозитурата, обидувајќи се да дознаат што се случува со нивните средства и кога повторно ќе можат слободно да располагаат со нив.
Експозитурата од денеска, 2 ноември, не работи со клиенти, до дополнително известување. Банкоматите се во функција, но користењето на средствата е ограничено со неделен лимит од 10.000 денари за физичките лица, согласно привремените мерки на Народната банка.
За пензионерите, штедачите и граѓаните кои секојдневните трошоци ги покриваат од своите банкарски сметки, ваквата состојба создава дополнителен притисок. Многумина се прашуваат дали ќе можат навреме да ги подигнат пензиите, да ги платат сметките и да располагаат со заштедите што ги создавале со години.
Финансиските показатели покажуваат поинаква слика
Сепак, покрај вознемиреноста кај граѓаните, важни се и финансиските показатели на Алта банка АД Битола.
Според јавно достапните финансиски податоци заклучно со 30 септември 2026 година, банката располагала со над 80 милиони евра во парични средства и вложувања во хартии од вредност. Учеството на ликвидната актива во вкупната актива изнесувало 43,91 процент, покриеноста на депозитите на домаќинствата со ликвидна актива 62,15 проценти, додека стапката на адекватност на капиталот изнесувала 25,11 проценти.
И Народната банка посочи дека Алта банка Битола е ликвидна и високо капитализирана, со солиден квалитет на кредитното портфолио и исполнување на супервизорските стандарди.
Причините за воведувањето привремена администрација, според досегашните информации, се поврзани со случувањата околу мнозинскиот сопственик на банката во Србија, а не со утврдена неликвидност на македонската банка.
Алта банка Битола не е во стечај и не ѝ е одземена дозволата за работа. Привремените мерки имаат за цел да се заштитат средствата на клиентите и да се спречи неконтролиран одлив на пари додека трае процесот на стабилизирање.
Но, и покрај овие податоци и уверувањата од надлежните, кај граѓаните останува едно основно прашање: дали нивните пари ќе им бидат достапни и кога ќе можат повторно нормално да ги користат?
Сеќавањата на Еуростандард банка сè уште се живи
Стравот кај дел од штедачите во Прилеп не е само резултат на актуелните случувања. За многумина, оваа неизвесност ги враќа болните сеќавања од пропаѓањето на Еуростандард банка.
„Стравот и неизвесноста дали ќе си ги вратиме заштедите и ден-денес ги чувствуваме. Тогаш ни беа вратени средства до 30.000 евра, но оние кои имаа поголеми износи мораа да поминат низ долги судски постапки за да си ги вратат парите. И ние самите моравме да водиме судски процеси, а не сме сигурни ниту дали сите штедачи целосно се обесштетени“, велат за нашата редакција граѓани кои го почувствувале ударот од пропаѓањето на банката.
Ова искуство, велат тие, оставило длабока недоверба и страв кај штедачите. Затоа и денешните случувања со Алта банка повторно отвораат прашања за сигурноста на банкарските депозити и за тоа колку брзо институциите можат да реагираат кога ќе се појави проблем.
За граѓаните кои еднаш поминале низ неизвесноста околу сопствените заштеди, самото затворање на шалтерите и ограничувањето на пристапот до парите е доволно за да се разбудат старите стравови.
Довербата не се гради само со соопштенија
Во вакви околности, клучна е улогата на Народната банка. Од неа граѓаните очекуваат не само регулаторно постапување, туку и редовно, јасно и транспарентно информирање за состојбата во Алта банка Битола.
Финансиските показатели се важен аргумент дека банката располага со солидна ликвидносна и капитална основа, но за клиентите најважно е тоа да се почувствува и во практиката – преку сигурен пристап до сопствените средства и навремено нормализирање на банкарските услуги.
Во Прилеп, како и во другите градови каде што Алта банка има свои клиенти, граѓаните не бараат ништо повеќе од сигурност дека парите што ги заработувале и штеделе со години нема да им бидат загрозени.
Бидејќи довербата во банките тешко се гради, а уште потешко се враќа кога еднаш ќе биде изгубена. А за штедачите кои веќе еднаш ја почувствувале неизвесноста од банкарски колапс, секоја нова криза е потсетник дека зад бројките, процентите и институционалните соопштенија стојат животни заштеди и судбините на обичните граѓани.


