|

Општина Прилеп: Финансискиот колапс на ФК Победа е последица на неодговорно управување

Општина Прилеп соопшти дека со жалење ја примила одлуката на раководството на ФК Победа за повлекување на сениорската екипа од натпреварувањето во Втората македонска фудбалска лига, посочувајќи дека финансискиот и организацискиот колапс на клубот е резултат на долгогодишно недомаќинско работење и недостиг од соработка од страна на сопствениците.



Од Општината наведуваат дека и покрај континуираните обиди за дијалог и изнаоѓање решение, мнозинските сопственици не покажале подготвеност за заедничко делување, ниту пак воспоставиле легитимни органи на управување и извршен директор, што, според локалната самоуправа, го довело клубот во состојба на функционална парализа.

Во обид да помогне, Општина Прилеп донела одлука за еднократна финансиска поддршка од 1 милион денари, но нејзината реализација била законски оневозможена поради изборниот процес и блокираната сметка на клубот. Од Општината потенцираат дека официјалните податоци покажуваат долг кон Управата за јавни приходи од над 7 милиони денари, кој опфаќа неплатени придонеси, ДДВ, данок на добивка и персонален данок.

„Во вакви услови, секоја исплата од буџетот на Општината би завршила исклучиво за покривање на долгови, а не за функционирање на клубот“, се наведува во соопштението.

Општината дополнително алармира дека, според расположливите информации, средства на клубот биле трошени за обложувалници, казина и приватни потреби, што, како што велат, претставува сериозна злоупотреба.

Од локалната самоуправа истакнуваат дека се подготвени да помогнат во спас на ФК Победа, но единствено под услов да се обезбеди целосен и транспарентен увид во финансиското работење и да се воспостави чесно и одговорно управување.

„Победа мора да продолжи на здрави основи, со чиста сметка и транспарентно раководење, бидејќи само така ќе се зачува достоинството на клубот и на градот“, порачуваат од Општина Прилеп.

Слични Објави