Колку повеќе закони, толку повеќе крадење
Вкупната вредност на јавните набавки што ги спроведуваат јавните претпријатија и акционерски друштва основани од владата и од општините изнесува неколку стотици милиони евра годишно и тоа е околу една третина од вкупните јавни набавки во земјата. Постои Закон за јавни набавки, стотици правилници, членови во скоро сите закони, па дури и интерни процедури, но барем три четвртини од јавните претпријатија и акционерски друштва никогаш не направиле проценка на ризиците од корупција, а раководствата на овие претпријатија не поднесле ниту една иницијатива за поведување кривична постапка заради сомнеж за корупција во јавните набавки и ниту една дисциплинска постапка за свој вработен, при констатирани проблеми при спроведувањето на јавните набавки. Некој би рекол дека тече мед и млеко со јавните набавки, а видно е концентрирањето на јавните набавки само кај одреден број фирми, нетранспарентни постапки, како и неоправдано високи цени на склучените договори, во однос на пазарните цени. Сето тоа било „по закон“.
„Законот не може да пропише сѐ“. Тоа е еден од одговорите на задолжените за јавни набавки, кога ќе прашате „зошто“? Имате краток одговор „тоа е така спрема законот“ или „законот не пропишал“, а никако да добиете одговор заради што така решиле или избрале?
Потоа, ако ја прашате Комисијата за јавни набавки или кој било државен орган, како знаат дека одредена компанија – понудувач има валиден сертификат, на пример ИСО, одговорот е „немаме обврска да ја проверуваме автентичноста и валидноста на ИСО сертификатите“.
Ако прашате заради што договорот е „во 4 очи“, одговорот е дека „било итно“, а ниту еден договор не се склучува ако не е итен или правовремен. Истиот е одговорот ако има тендер со еден понудувач.
Подобро не прашувајте заради што институцијата има чудни правилници за јавни набавки, кои не секогаш се во согласност со законот, затоа што одговорот е дека секој огласувач на јавни набавки мора да има и интерни правила и процедури за јавните набавки во кои треба да се опфатат сите „непокриени“ делови со законот. Ако прашате зошто законот „не ги покрил“ овие „непокриени“ случаи, одговорот е пак ист: „Законот не може да пропише сѐ“.
Од своја страна антикорупционерите и НВО – ите протуркаа одредби дека овие јавни претпријатија требало да имаат планови за интегритет во јавните набавки во кој ќе се идентификуваат ризиците на корупција. Ваквите смешни „притисоци“ државните и општински тендераши ги решаваат без проблем, а и Државната комисија за јавни набавки со потсмев гледа на ваквите потполно номинални невладини хокус – покус (ѓоа) успеси.
Потоа, светлото на денот го здогледа препораката да се сведат на минимум нетранспаретнтните постапки на преговарање без претходно објавување оглас. Нема проблем, тендерашите огласија, а претходно договорените компании одговорија со супер ниски цени на понудите (понекогаш и дупло пониски од пазарната цена), но со постојано склучување анекси, со што метар квадратен може да „се качи“ и до 15 илјади евра. Ако прашате зошто толку анекси, одговорот е „заради нашите нови барања до изведувачот“, „измени во планот“, заради „непредвидени трошоци“, заради „промена на цените на материјалите“… заради милиони нешта, што ќе ти ги измислат за момент. Ако прашате дали смеат така, законот јасно велил „ДА“, можат колку сакаат и кога сакаат.
Не се бореле залудно тендерџиите за власт, нели?
Пишува – Александар Цветкоски



