Нашите закони се носат како што убиец купува кола
Нашите закони се носат од 2 причини: Првата е да ги задоволат странците, кои, или нè тресат со тоа Годишниот извештај или сѝ спроведуваат проекти или има некое меѓународно писание – кое треба национално да се спроведе, а втората е дека мора да се унапредат методите на крадење и криминал. Трето нема или не е битно.
Затоа, ние носиме закони какви што Европјаните сакаат, знаејќи дека никогаш нема да ги спроведеме во дело, а исто е и со меѓународните протоколи, стратегии, конвенции… кои ги ратификуваме, ги вметнуваме во законите, но никој не ги спроведува.
Втората причина е легендарна. За доброто на граѓаните носиме закони, со кои го штитиме криминалот, овозможуваме нови методи на крадење и малверзации, ги замолчуваме слободоумните, им ги кинеме крилјата на извршните органи, обвинителството и судството, тајната полиција и регулаторните тела, на општините и на експертските институции (како ДЗР и Антикорупциска).
Како се прави тоа?
Исто како што убиец купува кола. Прво се интересира дали е багажникот доволно голем за труп, но бара продавачот да му обезбеди асистент за да види дали лесно влегува трупот во багажникот? Потоа бара и вистински труп (оригинал), за да проба како влегува скаменето тело. Праша дали со колата оди и подарок, кој мора да го имаат „понудувачите“ и убиецот (се разбира) одбира пиштол, па бара стрелиште и помошник да го испробам пиштолот. Ако му овозможите – ќе купи и ќе даде бакшиш.
Така е и со нашите легислатори. Имало критика дека многу се краде, а функционерот сака уште повеќе, но му сметаат и постојните закони – нема проблем. Одма прогласуваат потреба од промена на тие и тие закони, за да се намалел криминалот, затоа што Европа тоа го барала. Да задоволат закон, организираат јавна расправа, каде ќе бидат дадени препораки и заклучоци, кои одма ги фрлаат во ѓубре, но велат дека се воделе од нив. Потоа даваат решение, кое изгледа оптимално, но прават уште 10 други, кои го оневозможуваат донесеното решение. Ако не во тој закон – во други. Потоа закажуваат јавна расправа и покажуваат илјадници празни флоскули за подобрувања, за кои нема никаква инкриминација, ниту е постапувањето задолжително (пишуваат „може“, а не „мора“). Кога политикантот – криминалец, односно криминалецот – функционер нема да биде задоволен со понуденото, оти ќе имало финансиски импликации по буџетот, тие бараат „кој ќе го прими пробниот куршум“, односно, носат решение со кое исав веќе започнати случаи ќе бидат надвор од закон, заради „невини“ кратења и додавања рокови, уредби за ретроактивно важење, намалување на предвидени казни, 2 опречни членови во ист закон, дискрециони заклучоци од судијата и милион други сељачки и итарпеовски правни лукавштини, кои ќе погодат голем број заинтересирани.
Но, не е толку лесно да се избегне очигледниот криминал, па оваа цела операција ќе ја повторат и носат измени и дополнувања на законот, додека „убиецот“ (да не речам премиерот) не биде потполно задоволен. Измените и дополнувањата, законските колизии и нејаснотии, како и „автентичните толкувања“ на законот, заедно со непречистен текст, даваат раскош од можности.
За секој случај „продавачите“ (владините законописци и одбрани универзитетски професори) чуваат и по некој леш, односно некој бивши функционер, кој умрел, станал „демоде“ или е недостапен по тоа Унгариите, за да се проба комоцијата на багажникот.
Муштеријата (владарскиот естаблишмент + сивите еминенции со информации од прислушкувањата) мора да биде задоволен, оти бакшишот не е мала работа. Та зарем не живееме во пазарно општество?