Има граѓански буџет дали има кој да го прочита
Директорката на УСАИД во Република Северна Македонија, Џери Дајбл во средата беше во посета на Крушево и се сретна со градоначалникот Томе Христоски и неговиот тим.






После остварената средба, во изјава градоначалникот Томе Христоски ги потенцира придобивките од соработката со вакви меѓународни организации: „Поттикнати од студиската посета во САД, Крушево за прв пат, а со поддршка на Проектот на УСАИД, подготвивме Граѓански Буџет за 2024, со цел граѓаните на Крушево јасно да разберат за што се користат и како се вложуваат нивните пари. Со помош на Проектот на УСАИД за зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите, во април минатата година, Општина Крушево целосно се посвети на унапредување на своите административни капацитети во сите области, особено во однос на: – Прибирање на средства од сопствени извори на финансирање; – Планирање и извршување на буџетот; – Унапредување на транспарентноста; – Развој на стратешки планови т.е. подготовка на Локален Економски План.“
Зошто е важно секоја општина да има Граѓански Буџет
Многу често знаеме да се пожалиме дека не знаеме како, каде и за што се трошат нашите пари, дека објавените буџети, или ребаланси на буџети од страна на општините, се неразбирливи и напишани во форма која за нас „обичните жители“ е научна фантастика.
Од тие причини за да нема дилеми и муабети од „типот рекла казала“, општината треба да им обезбеди разбирлив и читлив граѓански буџет, односно разбирливо објаснување на буџетските ставки.
На следниот линк е ГРАЃАНСКИОТ БУЏЕТ 2024 Општина Крушево
ГРАЃАНСКИ БУЏЕТ има повеќе намени:
- Информирање на граѓаните за тоа како се собираат општинските приходи и како се трошат општинските средства.
- Едукација на граѓаните за клучните термини, принципи и начела поврзани со општинскиот буџет и локалните финансии.
- Зголемување на свесноста на граѓаните за нивната улога во буџетскиот процес на локално ниво.
- Поттикнување на поголема активност и учество на граѓаните во процесите на планирање и реализација на општинскиот буџет.
- Запознавање на граѓаните со донесениот буџет и неговите основни карактеристики, кои се и колкави општинските приходи и каде општината планира да ги потроши.
Останува на вас да се иформирате, едуцирате од каде се собираат парите во општинскиот буџет, како се донесува буџетот и за што се трошат вашите пари. После сето, видете дали ќе се жалите дека не го разбирате буџетот, или ќе појдете на следната расправа за буџетот во општинската сала. Не е баук: секој има своја струка и знае што треба да се направи за подобрување (проект), колку тој чини и како да се реализира.