(Фото) Инклузивен спортски настан во Прилеп – Спортот како мост што ги поврзува различностите
Денес во Прилеп во организација на Здружение Центар за развој и едукација и Локалан Акциона Група АГРО ЛИДЕР се одржа инклузивен спортски настан на кој учество земаа ученици од ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Добре Јованоски“, СОУ „Орде Чопела“, СОУ „Ѓорче Петров“, корисници од Дневниот центар „Ѕуница“, Дневниот центар за лица со церебрална парализа Прилеп, како и членови на пинг-понг клубот „Младост 96“. Настанот имаше за цел да ја промовира инклузијата преку спорт и да поттикне поголема свесност за важноста на еднаквото учество на сите деца и млади.
На настанот присуствуваа Претседателката на Советот на општина Прилеп, Директорот на Центарот за социјална работа Прилеп и професионален кадар од основните и средните училишта. Специјални гости беа претставниците на италијанската фондација Centro Sportivo Italiano од Бари, организација со повеќе од 80 години искуство во промоција на спортот како алатка за инклузивност и креирање можности за учество на деца и млади со попреченост во различни спортски дисциплини.











Организаторите истакнаа дека инклузијата не претставува само учество во натпревар, туку обврска и заедничка цел на целата заедница. Спортските активности што се одвиваа во текот на денот покажаа дека различностите не се пречка, туку предност која ги зближува младите и придонесува за развој на тимски дух, почит и фер-плеј.
Учесниците испратија јасна порака дека спортот е повеќе од резултати и медали – тој создава простор за поддршка, пријателства и позитивни искуства. Настанот беше исполнет со силна енергија, аплаузи и радост, а учесниците демонстрираа дека најголемите спортски победи се постигнуваат кога се игра заедно.
Инклузивниот спортски настан уште еднаш го истакна значењето на спортот како средство за поврзување, прифаќање и меѓусебна поддршка, со јасна порака дека секој има место на спортскиот терен – и во заедницата.



