| | |

Традиции за „Тримир“ во Прилеп

Утре е „Тримир“. Трет ден по „Прочка“ и трет ден од почетокот на големите, велигденски пости, „женски“ празник. Посветен на мајките, ќерките, на новите поколенија.

Во Прилеп преживеал обичај кој носи име – Тримир, и го „прославуваат“ жените. Овој адет се пренесува со генерации. Имено, домаќинка на Тримирот е мајката на „младата невеста“ и таа кани гостинки на прослава. На „прославата“ се доаѓа со дар, односно некаков посен специјалитет, овошје или боза.

Адетите, како што е редот, се пренесуваат од поколение на поколение, низ вековите, a во Прилеп празникот опстојал до ден денешен. Во минатото било правило домаќинката да држи Тримир до денот кога доаѓале гостинките.

Во целиот тримирски чин, особено се респектирани оние кои “држеле” Тримир Бидејќи по Прочка почнуваат Велигденските пости, адет е три дена по Прочка да не се јаде, ниту вода да се пие.Тој што тоа ќе го издржи тоа, се смета благословен во текот на целата година. А, во средата на Литургијата на предходно осветените дарови оние кои држеле Тримир се причестуваат .

Кој што „држи Тримир“ му доаѓаат канети гости и нему му се носат подароци, боза, портокали од овошје и благи посни десерти.

„Овие јадења се подготвуваат на Тримир: посно гравче, сарма посна од зелка со големина на лешник, кравајче, погача, на трпезата треба да има овошје, голем број на благи десерти, компоти од овошје, зелници од спанаќ, со фил од кромид и печурки, боза..

Но, најважна е пченица подготвена со конопни зрна што е адет и специјалитет за тримири, а карактеристично е тоа што течноста во пченицата е бела како млеко. Се подготвува така што од вечер се вари пченицата, а конопните зрна се оставаат да киснат во вода. Утрото потоа пченицата се мели. Во конопните зрна се става топла вода, се исцедува течноста да биде бела и заедно се мешаат и пченицата и конопните зрна.“ разскажува прилепчанката Блага Талеска

Но што, во суштина, е Тримир-от?

Во вистинската смисла и суштина на зборот, тримирот е тридневно воздржување од храна и вода и претставува особен подвиг, се разбира пропратен со молитва, во светата Четириестница. На третиот ден „тримирџиите“ се причестуваат со телото и крвта Христови и се напиваат света вода.

Слични Објави