|

Донација за графичката струка од Ротари клуб и МКЦ Битола

Графичката струка при средното училиште СОУ „Таки Даскало“ од Битола доби вредна донација од Ротари клубот Битола Широк Сокак и Младинскиот културен центар – МКЦ Битола. Донацијата вклучува модерен принтер со скенер, како и соодветни материјали за практична работа на учениците од оваа стручна насока.

Донацијата од Ротари клубот Битола Широк Сокак ја предаде претседателот Димитар Велковски, кој, меѓу другото, го истакна следното:

-Оваа донација за графичката струка е во духот на нашата долгогодишна соработка меѓу Ротари клубот Битола Широк Сокак и СОУ “Таки Даскало”, во духот на ротаријанците и ротаријанството кои редовно донираме на различни организации и институции и кои остануваме посветени и понатаму на нашата мисија како ротаријанци да и служиме на заедницата, и се надеваме дека ќе придонесе за подобрување на практичната настава во графичката струка, истакна претседателот на Ротари клубот Битола Широк Сокак, Димитар Велковски.

Златко Талевски, извршен директор на МКЦ, истакна дека оваа донација за графичката струка е по повод “Неделата на добри дела” и дека со СОУ “Таки Даскало”, МКЦ Битола има реализирано во изминатиот период бројни донации, проекти и волонтерски акции во духот на волонтеризмот и младинскиот активизам.

Во името на училиштето се заблагодари помошник-директорот Марија Младеновска-Димитровска, која истакна дека оваа донација ќе биде од полза за учениците од графичката струка при изведување на практичната настава и дека е резултат на долгогодишната соработка со Ротари Клубот Битола Широк Сокак и со Младинскиот културен центар и во делот на реализација на заеднички проекти и волонтерски акции.

-Велат дека си богат не толку колку што имаш, туку толку колку што умееш да дадеш. А токму тоа го споделуваме со нашите долгогодишни партнери и соработници кои од срце донираат сите овие години, истакна Младеновска-Димитровска.

Беа доделени и благодарници за долгогодишната соработка, а на учениците им беа доделени маички со логото “Правиме добри дела”

Слични Објави