Подигнато ромското знаме пред Општина Прилеп – 8 Април Меѓународен ден на Ромите
Со подигнување на ромското знаме и средба со претставници на ромската заедница, Општина Прилеп испрати порака на почит, еднаквост и инклузија.
Во чест на 8 Април – Меѓународниот ден на Ромите, во Општина Прилеп денес беше одржана средба со претставници на ромската заедница, на која отворено се разговараше за актуелните прашања, предизвиците со кои се соочуваат Ромите, како и за можностите за нивна поголема вклученост и подобрување на животниот стандард.
Средбата се одржа во просториите на Општината, каде претставниците на ромската заедница ги истакнаа своите ставови, идеи и потреби, додека локалната самоуправа потврди подготвеност за континуирана поддршка и соработка.
Како симболичен чин на почит и солидарност, пред зградата на Општина Прилеп свечено беше подигнато знамето на ромската заедница.
„Општина Прилеп останува посветена на градење на инклузивна заедница, каде секој граѓанин, без разлика на етничка припадност, ќе се чувствува еднаков, прифатен и вреднуван. Денешниот ден не само што го одбележуваме, туку и испраќаме порака дека заеднички можеме да изградиме подобра иднина за сите“, изјави градоначалникот Борче Јовчески
8 Април се одбележува како Меѓународен ден на Ромите од 1990 година, во знак на сеќавање на Првиот светски ромски конгрес одржан во Лондон во 1971 година, кога е усвоено ромското знаме и химната. Денес, овој ден претставува потсетник за потребата од еднаквост, недискриминација и почитување на човековите права на Ромите низ целиот свет.