Депортацијата на Евреите од Македонија – 11 март 1943 година
Во ноќта меѓу 10 и 11 март 1943 година, градовите Битола, Штип и Скопје беа блокирани, а еврејските населби – опколени од бугарската војска и полиција. Во раните утрински часови започна присилното собирање на Евреите. Полицајци, агенти и војници влегуваа од куќа во куќа, ги апсеа семејствата и ги товареа во камиони и шпедитерски коли. Им беше кажано да ги земат своите пари и скапоцености, под изговор дека ќе им бидат потребни, бидејќи наводно ќе бидат префрлени во Бугарија.
Пљачкосувањето започна веднаш – најпрво во нивните домови, потоа на железничките станици во Битола и Штип, како и во скопскиот Монопол, каде што сите беа собрани пред депортацијата.
Железничката управа доби наредба бесплатно да организира специјални возови за транспорт на македонските и беломорските Евреи до одредените дестинации, утврдени од Комесарството за еврејски прашања. Во повеќе градови беа реквизирани згради за создавање на привремени логори. Граѓански лица беа ангажирани за чување на еврејските имоти по нивното иселување, при што нивните услуги беа платени од фондот „Еврејски општини“. На крајот, сета недвижност на депортираните Евреи беше присвоена од фашистичка Бугарија.
Податоците за точниот број на депортирани Евреи варираат. Според бугарските документи, во логорот во Скопје биле затворени 1.702 семејства со 7.056 членови, додека германските извори зборуваат за 1.828 семејства со 7.162 члена. Тајно писмо од германскиот конзул во Скопје, А. Вите, испратено на 18 март 1943 година до Министерството за надворешни работи во Берлин, наведува бројка од 7.240 депортирани. Извештајот на германската легација во Софија споменува 7.122 депортирани македонски Евреи.
Сите беа испратени во нацистичкиот логор Треблинка во Полска, каде што беа убиени во гасни комори. Никој од нив не се врати – не остана ниту еден сведок за да ги раскаже ужасите на нивното уништување. Единствени докази за нивната судбина останаа архивските документи.
Апсење и депортација избегнаа само 419 македонски Евреи. Некои од нив беа првично уапсени, но ослободени поради интересот на бугарските власти. Меѓу нив беа унгарскиот Евреин Илеш Шпиц, тренер на фудбалскиот клуб „Македонија“, и Рафаел Моше Камхи, учесник во Илинденското востание.
Денес еврејската заедница во Македонија брои само 66 лица според пописот од 2021 година. Можно е бројката да биде поголема, имајќи предвид дека пописот беше бојкотиран од 132.000 граѓани од различни етнички заедници. Многу од преживеаните Евреи по војната се преселија во Израел, барајќи нов почеток далеку од земјата каде што нивните најблиски беа истребени.
Фото: Википедија