Спасовден – Патот од земјата до небото

Спасовден се слави секогаш во четврток, 40 дена по Велигден. Тоа е денот кога, според христијанската вера, Исус Христос се вознесол на небото пред своите ученици и се вратил кај Бог Отецот. Овој празник го означува завршувањето на неговото земно дело и воведувањето на човекот кон небото. По своето воскресение, Исус им се јавувал на учениците 40 дена, подготвувајќи ги за нивната мисија. На четириесеттиот ден, во Витанија, им заповедал да останат во Ерусалим додека не слезе Светиот Дух. Потоа се вознел, оставајќи зад себе отисоци на местото каде што стоел – сведоштво што подоцна било обележано со храм изграден од царицата Елена.

Освен духовното значење, Спасовден е ден што изобилува со обичаи, верувања и суеверија, особено во македонските краишта. Во некои региони се коле јагне, се верува дека не треба да се спие преку ден за „да не се дреме цела година“, а жените и децата не се мијат, додека мажите не се бричат. Богатите традиционално канеле гости на трпеза, а сиромашните се собирале пред црквите на дружење и песна. Посебно внимание им се посветувало на девојките, кои на овој ден собирале цвеќиња и гатале дали ќе бидат сакани. Крстот, исто така, е важен симбол на овој ден – се правеле и поставувале крстови на куќи за заштита од зли сили.

Слични Објави