|

Првпат во Прилеп изведена животоспасувачка тромболиза кај пациент со акутен мозочен удар

Во ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Прилеп, за првпат беше успешно изведена интравенска тромболиза – високо специјализирана и животоспасувачка интервенција за акутен исхемичен мозочен удар.



Интервенцијата е реализирана на Одделот за неврологија при Невропсихијатриското одделение и претставува значаен исчекор за здравствениот систем во Прилеп. Станува збор за современа терапија која се применува во строго дефиниран временски прозорец од појавата на симптомите и има за цел брзо воспоставување на протокот на крв во засегнатото мозочно ткиво, со што се спречуваат трајни оштетувања.

Првиот пациент, 29-годишен маж, бил примен со нагло настаната слабост на левата рака, асиметрија на лицето и отежнат, неразбирлив говор – типични симптоми на мозочен удар. Благодарение на брзата дијагностика и навремената примена на тромболитичката терапија, по интервенцијата пациентот е целосно без невролошки последици и без компликации.

Процедурата ја реализирал д-р Петар Кузмановски, во координација со стручен тим медицински сестри – Аница, Соња и Зорица, чија професионалност и организираност биле од клучно значење за успешниот исход.

Паралелно со ова достигнување, на Одделот за неврологија се воведуваат и систематски скрининг-прегледи со доплер сонографија на вратните крвни садови кај сите невролошки пациенти. Со тоа се овозможува современ пристап кон рана дијагностика, како и кон примарна и секундарна превенција на исхемичниот мозочен удар.

Овој медицински успех е резултат на тимска работа, брза организација и посветеност кон пациентите, со што уште еднаш се потврдува квалитетот и хуманоста на здравствената услуга што ја нуди ЈЗУ Општа болница Прилеп.

Слични Објави