| |

На денешен ден – 81 година од смртта на Кузман Јосифоски Питу

Кузман Јосифоски е роден на 23 јуни 1915 година во Прилеп, како трето дете на родителите Лефта и Цветан Јосифоски. Семејството на Кузман било работничко – тутунопроизведувачко. Домашните, како и прилепчаните го викаат со името Борко. Основното образование го завршува во родниот град Прилеп.

Студирал на Универзитетот во Белград каде бил еден од предводниците на напредната студентска младина. Станал член на КПЈ во 1938 година. Бил еден од организаторите на студентско друштво „Вардар“ и на македонското национално движење МАНАПО. Од 1939 година бил испратен на партиска работа во Прилеп каде бил поставен за секретар на Месниот комитет на КПЈ. Бил организатор и учесник на повеќе национални манифестации и демонстрации за подигање на национално-револуционерната свест за продолжување на ослободителната борба против окупаторскиот режим. Поради несогласување со политиката на Методија Шаторов-Шарло бил исклучен од Партијата. Бил говорник на Илинденската демонстрација (1940), на која била барана промена на режимот, национално-политички права, ослободување на Македонија и др. Од 1940 година член бил на ПК на КПМ, на Главниот штаб, на ЦК на КПМ и на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ.

Во октомври 1941 земал активно учество во организирањето и дејствувањето на првиот прилепски партизански одред, кој почна со нападот на участокот на 11 октомври 1941. Неговата активност во 1942та година, е забележана во западните делови на Македонија, каде успева да ги возобнови старите и да оформи нови ограноци низ Тетово, Гостивар, Мавровско, Дебар, Кичево и Струга. Тој е еден од иницијаторите за издавање на партискиот леток “Востаник”, кој подоцна е преименуван во “Братство”.

Во февруари му било кажано дека бугарската полиција дознала за неговата активност и тој морал да замине во партизани. Но, на 25 февруари 1944 при обидот да го напушти Скопје, во Козле во близина на некогашната фабрика „Алумина“ бил убиен од бугарски војник. Таму денес постои спомен-плоча.

Цитати од Кузман Јосифоски Питу:

„Денеска кога Македонскиот народ се наоѓа пред решителна борба за извојување на својата национална слобода, споменот на Илинден треба појќе секојпат да светли пред очите на целиот Македонски народ, пред лицето на сите чесни и слободољубиви Македонци, сите кои ја сакаат својата земја!…прибирање на сите внатрешни сили и отворање на една јака материјална снага во самата Македонија. А тоа ќе рече: отворање на полно единство на сите друштвени класи и слоеви, единство на сите стари и нови борци за слобода на Македонија, почнувајќи од старите револуционери – илинденци, ополченци, па се до комунистите: создавање на единствен македонски народноослободителен фронт…“

„Легендите што ми ги раскажуваше баба ми Заха, за Марко Крале, па за Дедо Иљо војводата и за Крушевската Република, за мене беа фантастичен партиски извор. Без тој македонски патриотизам, прашање е дали јас можев да бидам комунист. И не само јас туку скоро секој Македонец, кој станал комунист. Зошто ние Македонците сме напредни како македонски патриоти, оти сме гоцевисти, санданисти, ѓорчевисти.“

Слични Објави