Дај Боже криза, ако е енергетска – уште подобро
Владата „меко“ пренаменила повеќе од 220 милиони евра – наменети за капитални проекти, за непридвиденото зголемување на цената на струјата (т.н. „Енергетска криза“) и за јавашлук на институциите и општините. Ова со бројки и букви го утврди Центарот за граѓански комуникации, а го објави и Мери Јордановска на „Мета“. Локалците пиштеа заради зголемените расходи за струја, ама трошеле за патување, плати, „договорчиња“ и привремени вработувања, машала. Владата жртвувала 170 милиончиња, а општините педесетина за капитални проекти.
Значи, „струјата“ и државно – општинскиот јавашлук и „снајдување во кривини“ ги попапале и реновирањата на болници, медицинска опрема, детските градинки и домови за стари, студенстски домови, објекти за граѓански стандард.
Наместо овие проекти, владата платила за струјата на АД Електрани, но и гаранции по рати за кредитите на државните претпријатија. Обврските на „буџетските субјекти“ во 2022 година, скокнале на 800 милиони евра (зголемени за 30%), но се зголемило и нерационалното и некризно трошењето на општините. Инвестициите пак беа главната жртва и тоа најмногу патната инфраструктура (од 96 милиони евра, се свеле на нула), потоа водоснабдувањето и одведувањето отпадни води, па реформите на казнено-поправните установи (сведени на 30% од првично планираните пари), па ИТ опремувањето на УЈП. И на крајот, за да нема негативни политички поени (нели, властите се претежно различни на централно и локално ниво), наместо со објаснување, државата и општините решија да ги кријат податоците и да ронат крокодилски солзи за нашата сурова енергетска судбина.
Ова не им беше тешко, затоа што и едните и другите решија да не ги покажуваат нозете и братски се договорија да говорат за тривијални теми, наместо за парите на граѓаните.
Граѓаните веќе не се интересираат за буџетската отчетност и транспарентност и за било каква јавна контрола на буџетот, затоа што знаат дека ги лажат и разочаруваат на секој чекор. Како и да е, кога ЕУ и ДЗР „нè дигаат на клоца“ заради неотчетноста и нетранспарентноста на секој чекор, ние ги обвинуваме граѓаните дека „не биле заинтересирани“ за учество во носењето одлуки. Дека амбасадорите на значајните земји за Македонија отворено нè обвинуваат за корумпираност, изговори наместо работа и за страшна неотчетност на владата и општините, владетелите молчат или пробуваат да подразгорат огин со Бугарија, лошата опозиција, која е против ЕУ или лошата влада, која подметнува криминални закони со европско знаменце.
Дури и медиумите (секоја чест на ЦГК, Мета и неколку други истражувачки и посветени медиуми) овие прашања не ги сметаат за коњуктурни и не ги потенцираат во јавноста како нешто важно, но додека постои бугарското вето и партиските празни препукувања од типот „поддржи го копилево, да ѝ кажам на копилешкава“, властите ниту задникот не мораат да го помрднат, а камоли да бидат отчетни и транспарентни кон граќаните, кои ќе ги бараат како гласачи оваа година, но тие нема да дојдат и тоа на сопствена штета, како што тоа го прават со општинските настани и јавни собири.
Како и да свртиш – граѓанинот губи, а власта е власт и се труди да го очува статус – квото.
Добитна комбинација? Има, но не е лесна и не е за депресивни и мудријаши, кои велат „нека ми е мене добро, другите кој ги мати“ или „да се договориме да одиш ти, а јас ќе те следам оддалеку“. Повторно е одговорот во граѓанинот, затоа што „другите“ се солидарни едни – со други.
Комбинацијата е покажување јавен интерес, побарувачка на информации од сите можни власти, покажување интерес по тоа фејсбуците и како следбеници, а не како генерали, отфрлање на партиските очила и страв дека ќе имате последици, ако искажете јавно мислење или следите некого, кој мислите дека не е хохштаплер или партиски бот, покажување дека не сте заинтересирани за тривијални теми, туку барате „мали“, непариски и реални информации за секојдневниот живот, како што е трошењето на нашите пари. Треба општеството да ја обвини опозицијата, затоа што не повикала на јавни дебати за владиниот отчет како го потрошила буџетот. Комбинацијата бара да ги следиш аналитичките портали, каде има стручни лица, да ги посетуваш нивните настани и да ги фалиш во јавноста или барем на тоа фејсбуците, како посветени и непартиски информатори. Не да ја повикаш владата или општината, туку озицијата – која не ги трошела тие пари, но има обврска да следи и информира за тоа. Властите ќе ги повикаме после тоа, кога ќе ги видиме сите „проблематични места, каде се трошело“. Кога стручните НВО – и, здруженија на финансиски работници, книговодители, ревизори…, ќе застанат на средина и ќе ја докажат својата посветеност со објавување толкувања на буџетскиот процес и организирање јавни расправи за буџетот, каде ќе бидат повикани и поголеми авторитети од ревизорски и проценителски куќи, задолжени од ДЗР, од „антикорупциска“, од „странците“ и амбасадите, граѓаните ќе да дојдат на тие расправи и ќе почнат да учат за мониторингот над властите, а организаторите ќе станат релевантни.
Нели за тоа им требаат парите од „странците“? Проблемот е во друго: Политичката опозиција тоа треба да го прави, затоа што, кога не се на власт, тие и немаат друга важна работа. Некој би рекол дека и тие се плашат од тоа да ги едуцираат граѓаните за буџетскиот процес, но и да створат стручни кругови за мониторинг на трошењето, затоа што знаат дека еден ден и тие ќе бидат власт, па и тие ќе бидат контролирани. Кој знае? Треба да се проба.