Општините не мораат секогаш да чекаат државни средства

Општините трошат сопствени средства за надлежностите во образованието. Таков е случајот во СОУ „Таки Даскало“ каде со поддршка од Општина Битола, реализирани се крупни инфраструктурни проекти, кои придонесоа за осовременување и унапредување на условите за учење и работа, како и подигнување на квалитетот на воспитно-образовниот процес.

Во училиштето, реализирани се проекти во вкупна вредност од околу 5 милиони денари, а директорот Ристо Грујовски, информираше за досегашните активности: „Реконструиран е подот во сите училници и кабинети во двете училишни згради, извршено е комплетно обновување на паркетот во вкупна површина од 2722 м2, а  дотраениот паркет заменет е во вкупна површина од 136 м2. Вкупната вредност на проектот изнесува 2.394.380 денари.

Извршена е комплетна санација на внатрешните скали во Блок Б во вкупна вредност од 496.500 денари.Во тек е реконструкција на училишниот двор со бекатон плочки во делот на паркинг-просторот за вработените во вкупна површина од 418 м2 и поставување на електронска рампа, во вредност од 330.000 денари“, рече директорот Грујовски.

Во училиштето, набавен е и нов училишен мебел, училишни табли и столчиња во вредност од 300.000 денари, а набавена е и нова компјутерска и друга ИКТ опрема за сите училници, телевизори и нагледни средства за сите струки и гимназијата во вредност од 500.000 денари, како и машини и друга опрема во вредност од 300.000 денари.

Претходно, во ова училиште беа реконструирани двете спортски сали, соблекувалните, тоалетите и кабинетите за професорите по спорт, се уредија спортските терени, терени за футсал, кошаркарското, одбојкарско игралиште, осветлени со рефлектори, училишниот двор е поплочен и уреден со нова урбана опрема и хортикултурно уредување.

Градоначалникот Тони Коњановски нагласи дека, Општина Битола, продолжува да овозможува поддршка за училиштата во кои се реализираат инвестиции со цел создавање подобри услови за учениците и вработените.

Слични Објави