Австриски искуства во Македонија – Нови услуги од социјалната заштита за граѓаните
Работна делегација од општините Прилеп, Кривогаштани, Долнени, претставници од Центарот за развој и едукација, градоначалници од повеќе општините, претставници на Министерството за труд и социјална политика и директорот на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа Прилеп, ја започна својата работна посета во Република Австрија.
Посетата е дел од проектот TRANSACT: „Трансформирање на глобалните социјални предизвици во реални локални активности“, поддржан од Австриското Сојузно Министерство за социјални политики, здравство, нега и заштита на потрошувачи.
Главната цел на оваа иницијатива е пилотирање на новата социјална услуга „Медицинска сестра во заедницата“ за првпат во нашата земја, а особено во Пелагонискиот регион. Оваа услуга е наменета за лица и семејства кои се наоѓаат во социјален ризик, обезбедувајќи им медицинска нега и поддршка директно во нивната заедница.
Во рамките на посетата, делегацијата ќе оствари средби со водечки организации и институции во Австрија кои обезбедуваат социјални и здравствени услуги. Размената на искуства и учење од австриските успешни практики ќе помогнат во адаптацијата на овие модели во локалниот контекст.
„Со оваа иницијатива, заедно со партнерите од Австрија, создаваме иновативни решенија за подобрување на пристапот до квалитетни социјални услуги за сите наши граѓани,“ изјави претставник од Центарот за развој и едукација,
Проектот TRANSACT претставува значаен чекор во трансформацијата на социјалниот сектор, отворајќи можности за подобрување на условите за живот на ранливите категории граѓани.



