„Комуналец“ со реакција за сечењето на двете дрвја во Врбејско мало: Била утврдена опасност, предвидена е тројна компензација
По вчерашното сечење на две дрвја во паркот во Врбејско мало, ЈКП „Комуналец“ – Прилеп се произнесе за постапката, образложувајќи дека пред интервенцијата била направена анализа со која била констатирана опасност од дрвјата.
Од претпријатието информираат дека како компензација за отстранетите дрвја било предвидено засадување нови, и тоа во сооднос три нови дрвја за секое исечено дрво.
Истовремено, „Комуналец“ реагира на однесувањето кон нивните вработени кои ја спроведувале интервенцијата, како и на објавувањето видеоснимки од нив на социјалните мрежи, оценувајќи дека со тоа биле изложени на омаловажување при извршување на службените задачи.
Од претпријатието потсетуваат дека во изминатите две години имало повеќе случаи на паднати дрвја, дел од нив и во ноќните часови. Посочуваат дека во одредени ситуации не интервенирале навреме поради притисок од јавноста, соседи или бизниси, иако постоела потреба од отстранување на дрвја за кои била утврдена опасност.
Оттаму ја отвораат и дилемата за одговорноста доколку дојде до несреќа поради непостапување по издадено решение за отстранување опасно дрво. Според претпријатието, безбедноста на граѓаните мора да биде приоритет, а реакциите на јавноста не треба да влијаат врз спроведувањето на стручните проценки и донесените решенија.


