Одбележани 84 години од Дабничкиот масакр – „Да не се повтори, но никогаш и да не се заборави“

Во Прилеп денеска беа одбележани 84 години од Дабничкиот масакр, еден од најтрагичните настани од периодот на Народноослободителната борба, во кој на 19 септември 1942 година биле убиени 18 прилепчани.

Дабница во тој период претставувала едно од упориштата на Првиот прилепски партизански одред. Неколку дена претходно, на 14 септември, во борбата кај Мукос загинале десет партизани од одредот, додека голем број жители на Дабница биле уапсени и однесени во прилепската касарна.

Меѓу жртвите на 19 септември бил и Добре Јованоски, а истиот ден, во прилепската касарна, бил маченички убиен и Рампо Левката. Двајцата прилепчани подоцна се прогласени за народни херои, а нивните имиња денес ги носат две прилепски основни училишта.

На одбележувањето беше испратена порака дека сеќавањето на жртвите и зачувувањето на историските места претставуваат обврска кон идните генерации.

„Историјата не се чува само со зборови и венци, туку и со односот што го имаме кон местата што сведочат за неа“, порача градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, посочувајќи ја потребата од поголема грижа и уредување на спомен-обележјата.

Од Општина Прилеп најавија продолжување на активностите за поголема заштита и уредување на местата кои имаат историско значење за градот.

Во рамки на одбележувањето, посебно место имаа и ООУ „Добре Јованоски“ и ООУ „Рампо Левката“, кои го одбележуваат својот патронен празник во чест на двајцата народни херои.

По тој повод, до учениците, наставниците и стручните соработници беше упатена честитка со порака училиштата да продолжат да бидат места каде младите ќе стекнуваат знаење, ќе развиваат чувство на одговорност и чесност и ќе ја запознаваат историјата на својот град.

„Да не се повтори, но никогаш и да не се заборави“ беше пораката од одбележувањето на 84-годишнината од Дабничкиот масакр.

Слични Објави