Бившата директорка на Средношколскиот дом во Битола осудена на две години условна казна
Елена Спасеновска, поранешна директорка на Државниот ученички дом „Мирка Гинова“ во Битола, е осудена на две години условна казна затвор за злоупотреби во службата.
Основниот суд во Битола ја прогласил за виновна по сите девет точки од обвинението. Казната нема да се изврши доколку во рок од пет години од правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело.
Според пресудата, утврдени се неправилности поврзани со службени патувања, исплати на поранешен секретар на Домот, ангажирање лица со договори на дело, јавни набавки и фалсификување документи.
Случајот доби судска разрешница по серијата истражувачки текстови на битолската новинарка Анета Блажевска, која известуваше за работењето на поранешната директорка и за утврдените сомнителни постапки во Државниот ученички дом. По објавените текстови, Основното јавно обвинителство во Битола покрена постапка против Спасеновска.
Судот ја задолжил Спасеновска на Државниот ученички дом да му исплати 148.295 денари по основ на имотноправно барање, додека за преостанатиот дел од побарувањето од 1.430.865 денари, институцијата е упатена на спор.
Во меѓувреме, Блажевска беше тужена од Спасеновска за клевета поради нејзините објави поврзани со случајот. Првостепениот суд во Битола ја осуди новинарката, а нејзината жалба до Апелацискиот суд во Битола сè уште не е решена.


