Добар градоначалник нема да „заседне во своите успеси“, туку ќе гледа 10 години пред другите – Крушево „на големо“ го припрема туризмот
Ако некоја општина направила „бум“ во подигањето на отчетноста и транспарентноста на општинското работење, тоа е Крушево. Соработката на општините со граѓанските организации, како и со граѓаните постави нова визија за Крушево, кое од разочарување премина во надеж и проактивност.
За тоа кажуваат од АГТИС „Сведоци сме и го следевме патот на градоначалникот од самите почетоци на неговата градоначалничка кариера, па до денес. Тој, од извидничкиот шатор, далечната 2017 година ја искажа досетката дека „во хотел можеш да одиш до 5 ѕвезди, а во Крушево до милион ѕвезди“. Така, заедно со Томе Христоски, сите ние видовме дека Крушево „ќе го биде“. Тоа и се случи! “
Солидниот скок на индексот на отчетност и транспарентност и на активна транспарентност се должи токму на таквата отвореност, која донесе добро на туристичкиот сектор, а со тоа и на останатите граѓани.
Радува сознанието дека и градоначалникот Томче и општинскиот тим се свесни дека порастот на туристичките посети бара квалитетно решевање на локалните проблеми, но тука веќе малите „проектчиња“ не играат голема улога, туку е потребно опсежно општинско планирање и „здрави“ проекти, што значи и државни пари и добра наплата на таксите и даноците. Затоа, зачудува фактот дека наплатата на туристичката такса не е на потребното ниво, односно не е дури ни на нивото на наплатата на комуналната такса и данокот на имот.
Ете, започнати се проекти, кои „заспаното“ и исселено Крушево ги чекаше многу години и сигурно целата македонска јавност би била изненадена од фактот дека Крушево нема ниту ефикасна водоводна мрежа и доволен довод на квалитетна вода за пиење, ниту посолидна комунална и патна инфраструктура, ниту доволно проодни и опремени улици.
Рековме дека луѓето и проектите се основниот капитал на секоја општина, па радуваат информациите дека во Крушево веќе има изготвено значајни инфраструктурни проекти, од кои – некои се веќе во реализација, а некои се во фаза на изготовка. Недостатокот на проекти, планови и техничката документација, многу општини „ги завиле во црно“ и Крушево излезе од таквата опасност, преку проактивното планирање, кое секако немаше да се случи да немаше активно младинско, граѓанско и НВО учество, кое ги приближи до странските грантови.
Добар градоначалник нема да „заседне во своите успеси“, туку ќе гледа 10 години пред другите, користејќи ги сите прилики за финансирање на општинските проекти, затоа што оваа општина има горливи проблеми, произлезени од фактот што државата таму, со години не даваше пари за развој и дозволи градот да тоне и пропаѓа. Само активната транспарентност и постојаната комуникација со граѓаните, како и пристапот до добри планери и визионери од универзитетите и граѓанскиот живот, кои ќе ги „пумпаат мускулите“ на Крушево, можат да постигнат тоа да не се повтори. Крушево е, сепак, на самиот почеток на својата слава и подобар живот на граѓаните, па редно е да му посакаме успех на општинскиот тим и многу посовесен пристап на деловниот сектор кон имотот и функционирањето на општината, затоа што данокот и таксите, не само што се мошне скромни, туку се нивна обврска и најкоренит вид патриотизам.
Погледнете го целиот разговор поврзан со транспаретнтноста , отчетноста која ја следи АГТИС а секако и вклученоста на граѓаните во општина Крушево, кој одеше во Емисијата на МТВ.