„Дидактичка прошетка низ Небрегово“ – Конески, фотографија, игра и учење во една публикација

Во Небрегово беше промовирана публикацијата „Дидактичка прошетка низ Небрегово со творештвото на Конески“, наменета за посетители, ученици и сите оние кои сакаат поинаку да го запознаат културното наследство поврзано со Блаже Конески.

Публикацијата претставува спој на проза, поезија, фотографија и дидактички активности. Во неа се поместени наменски фотографии од Небрегово и Маркови Кули, дело на Александар Еленин, кој според своето образование и познавања е посветен на творештвото на Конески.

Наместо класичен музејски каталог, авторите се определиле за поинаков пристап. Публикацијата е создадена во винтиџ стил и потсетува на некогашните споменари, патописни тетратки и лични дневници во кои се лепеле фотографии и се запишувале впечатоци од посетените места.

Во сетот посветен на Конески има фотографии за сечење и лепење, квизови, сложувалки, боенки и игра со картички. Целта е посетителите, особено младите, преку интеракција и игра да се запознаат со културното и книжевното наследство.

Во рамки на настанот беа реализирани и интерактивни работилници базирани на содржините од публикацијата, во кои учествуваа ученици од средните училишта.

Од организаторите велат дека идејата е културно-историското наследство да се претстави како живо наследство за кое треба да се грижиме, да го почитуваме и да раскажуваме.

Слични Објави