ГФК Победа повикува на стадион – „Мајмуни“ не го признаваат новиот почеток!
Додека новоформираниот ГФК Победа 2026 ги повикува прилепчани на првиот натпревар и на почетокот на, како што велат, „една нова приказна“, навивачката група НК Мајмуни Прилеп 1997 соопшти дека нема да присуствува на натпреварите на новиот клуб.
ГФК Победа го игра својот прв натпревар во сабота, на 12 септември, со почеток во 16:30 часот, на Градскиот стадион „Гоце Делчев“. Од клубот упатија повик до јавноста со порака дека тимот излегува на теренот со желба, борбеност и срце за дресот.
„Ова е почетокот на една нова приказна. Заедно да ја започнеме“, порачаа од ГФК Победа, повикувајќи ги прилепчани: „Сите на стадион“.
Но, токму пред почетокот на новата приказна, стигна и јасна реакција од Мајмуните.
Навивачката група соопшти дека се оградува од ГФК Победа 2026, тврдејќи дека, според нивните сознанија, и во новиот клуб се вмешани луѓе од политичката фела.
„Нашиот став отсекогаш бил јасен – спортот треба да биде спорт, а не место за политички интереси и влијанија“, велат од НК Мајмуни Прилеп 1997.
Од групата реагираат и дека биле целосно игнорирани во процесот на формирањето на новиот клуб. Велат дека не биле информирани, консултирани, ниту прашани за нивниот став, иако со години стоеле зад името Победа.
Мајмуните потсетуваат дека низ годините биле сведоци на разочарувања, различни ситуации и, како што наведуваат, местени натпревари, поради што не сакаат повторно името и љубовта кон Победа да бидат искористени за лични или политички интереси.
Истовремено, навивачката група соопшти дека располага со информации дека „Старата Победа“, клубот со историја и традиција, повторно е активиран и би требало да започне натпреварување од 4. А лига.
Сепак, од Мајмуните нагласуваат дека сè уште чекаат официјално соопштение и дека дотогаш не можат со сигурност да ги потврдат овие информации.
Иако секој член на навивачката група ќе може индивидуално да одлучи дали ќе присуствува на натпреварите на ГФК Победа 2026, од НК Мајмуни Прилеп 1997 нагласуваат дека никој нема право да ја претставува групата или да ги користи нејзините обележја без заедничка одлука.
Така, во сабота на Градскиот стадион ќе започне новата приказна на ГФК Победа 2026, но без организираната поддршка на Мајмуните.
Од едната страна стои повикот „Сите на стадион“, а од другата јасната порака на навивачката група:
„Без политика во спортот! За вистинската Победа!“


