|

(видео) Воздухопловниот клуб „Фил Феникс“ од Прилеп со „Диплома на честа“

Прилеп веќе се потврдува како значаен центар на воздухопловното спортско моделарство. На денешниот прием беа презентирани резултатите од минатата година, во присуство на спортисти, меѓународни судии, професионални пилоти.



Светската воздухопловна федерација го награди воздухопловниот клуб „Фил Феникс“ од Прилеп со „Диплома на чест“ за значајниот придонес во промовирањето на воздухопловството како спорт во Република Македонија. Признанието е доделено за успешната организација на национални и меѓународни натпревари во слободен лет, трки со дронови, како и за унапредување на воздухопловното моделарство на светско ниво.

Претседателот на клубот, Здравко Тодороски, истакна дека е задоволен од постигнатите резултати и успеси во изминатите 25 години од постоењето на спортскиот клуб.

Македонија веќе не е само учесник, туку рамноправен конкурент на меѓународната сцена. Посебно се издвојува успехот на младата генерација, која бележи врвни резултати во повеќе дисциплини, меѓу кои и слободен лет и прецизно летање.

Минатата година беше одбележан јубилејот – 25 години континуирана организација на Светскиот куп „Трофеј на Прилеп“, натпревар со редок меѓународен континуитет и учество на илјадници спортисти од целиот свет.

Најголем успех го оствари младиот Лука Најдовски, кој стана генерален победник на Светскиот куп во јуниорска конкуренција во слободен лет, а се пласираше и на 13. место во сениорска конкуренција меѓу над 300 натпреварувачи.

Како признание за досегашната работа, оваа година Македонија ќе биде домаќин на Светско јуниорско и Европско сениорско првенство, кои ќе се одржат од 26 јули до 2 август. Се очекуваат најмалку 45 репрезентации и околу 500 учесници.

Натпреварите ќе се одржуваат кај селото Веселчани, каде теренот ќе биде уреден да функционира како мал спортски град. Организаторите очекуваат поддршка од институциите и приватниот сектор за успешна реализација на овој голем меѓународен настан.

Слични Објави