Тутунски комбинат оштетен за над 3,3 милиони денари
СВР Битола поднесе кривични пријави против три лица од Прилеп и едно правно лице поради сомнение за повеќе кривични дела поврзани со продажба и прикривање на отпадно железо од АД „Тутунски комбинат“ – Прилеп.
Пријавен е Љ.Б. (59), кој во периодот 2021/2022 година бил координатор на група за обезбедување во комбинатот, за „проневера во службата“, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „фалсификување службена исправа“.
К.С. (60), кој во истиот период бил генерален извршен директор на компанијата, е пријавен за „несовесно работење во службата“. Ј.Д. (41), сопственик и управител на фирма од село Мало Коњари, е пријавен за „прикривање“ и „фалсификување службена исправа“, додека правното лице е пријавено за „прикривање“.
Според пријавата, во првото тримесечје од 2022 година Љ.Б., по усмен предлог од тогашниот генерален извршен директор К.С., добил овластување да ја спроведе продажбата на отпадот, иако тоа, согласно одлуката на компанијата, требало да го врши референтот за управување со отпад.
Полицијата сомничи дека во февруари 2022 година Љ.Б., со помош на Ј.Д., прикрил најмалку 185.000 килограми отпадно железо од Работната единица „Заводи – Мажучиште“. Железото, наместо да биде евидентирано како приход на Тутунскиот комбинат, било предадено на фирмата од Мало Коњари.
Според истрагата, за прикривање на потеклото на железото биле изготвувани фиктивни откупни белешки. Отпадот, во просек по околу 25.000 килограми, бил прикажуван како да е предаден од осум физички лица, блиски на првопријавениот, кои давале и изјави за потеклото на отпадот.
Парите од продажбата, според сомнежите на полицијата, биле уплаќани на сметки на седум физички лица, како и на личната сметка на Љ.Б. По уплатите, средствата биле подигнувани во готово и, како што се сомничи, му биле предавани на првопријавениот.
На овој начин, на сметките на физичките лица биле префрлени вкупно 3.338.328 денари, со што, според СВР Битола, за истиот износ бил оштетен АД „Тутунски комбинат“ – Прилеп.
Во исто време, на сметката на Тутунскиот комбинат од продажбата на отпадното железо биле исплатени 1.274.560 денари од фирмата од село Мало Коњари.
Случајот е пријавен до надлежното јавно обвинителство, а понатамошната постапка треба да ги утврди сите околности и одговорноста на пријавените лица.



