ПРИЛЕПСКИОТ ДОМ ЗА СТАРИ ЛИЦА СО ПОЛН КАПАЦИТЕТ: Поголема државна поддршка, нови вработувања и планови за проширување

„Киро Крстески-Платник“ згрижува 150 лица од целата држава, а зголемениот интерес за сместување ја наметнува потребата од подобри услови, дополнителен персонал и проширување на постојните капацитети.

Потребата од институционална грижа за старите лица во Македонија сè повеќе се зголемува, а еден од најдобрите показатели за тоа е состојбата во Домот за стари лица „Киро Крстески-Платник“ во Прилеп. Установата, која претставува значајна институција за социјална заштита не само за Прилеп, туку и за граѓаните од другите градови во државата, работи со речиси целосно исполнет капацитет. Во 50 соби се сместени околу 150 корисници, а интересот за прием е поголем од можностите што моментално ги нуди установата.

Демографските промени, стареењето на населението, иселувањето на помладите генерации и сè почестото отсуство на членови од семејствата кои би можеле да се грижат за своите најблиски, дополнително ја зголемуваат потребата од ваков вид социјални услуги. За многу семејства, сместувањето во специјализирана установа станува неопходно решение, особено кога станува збор за лица на кои им се потребни секојдневна помош, нега и здравствена грижа.

И покрај финансиските и кадровските предизвици со кои се соочуваше во текот на годината, раководството на Домот, во соработка со Министерството за социјална политика, демографија и млади и Општина Прилеп, најавува засилени активности за подобрување на условите за престој на корисниците во текот на 2027 година.

Градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, посочува дека подобрувањето на условите во установата ќе биде еден од приоритетите во наредниот период, особено во делот на хигиената, обновувањето на инвентарот и подобрувањето на општите услови за живот.

„Оваа година имавме проблеми и со кадровскиот потенцијал, за кој што сметам дека во 2027 година ќе биде надминат. Сметам дека и по однос на општите услови, во однос на одржување на хигиената, на обновување на инвентарот во собите, поинтензивно би се работело во текот на 2027 година, за што со заеднички сили работиме со менаџментот на оваа Јавна општинска установа и со буџетот на Општина Прилеп“, изјави Проданоски.

Позитивни очекувања има и раководството на установата, особено по најавеното зголемување на блок-дотациите од државниот буџет. Според директорот Благојче Стојаноски, финансиската поддршка бележи значително зголемување во однос на претходната година, што отвора можност за нови вработувања и зајакнување на стручниот кадар.

„Имаме одговор дека би добиле согласности за наредна година за нови, покрај овие сегашни вработувања, бидејќи тука показател ни е покачувањето на блок-дотацијата, која прилично е добра. Од 18 милиони лани, годинава добивме на буџетската сметка 26 милиони. При разговорот со министерот, благодарност до него за ваквата дотација, прилично зголемена од претходната година“, рече Стојаноски.

Во моментов во Домот се вработени 28 лица, што претставува сериозен предизвик ако се има предвид бројот на корисници и обемот на услугите што треба секојдневно да се обезбедуваат. Особено е изразен недостигот од медицински персонал и негуватели, чија улога е од суштинско значење за квалитетната грижа за старите лица. Очекуваните нови согласности за вработување треба да придонесат кон подобра организација на работата, поефикасна здравствена и нега и поголема сигурност за штитениците.

Дополнителен предизвик е и инфраструктурната состојба на објектот. Домот е изграден во 1974 година и по повеќе децении функционирање потребни се континуирани вложувања во неговото одржување, осовременување на просториите, замена на дотраениот инвентар и подобрување на условите за престој. Затоа, покрај тековните активности, сè посериозно се разгледува и можноста за проширување на сместувачките капацитети, со цел да се одговори на зголемената побарувачка.

Колку е голема потребата од вакви установи покажуваат и податоците за демографската состојба во државата. Според Државниот завод за статистика, учеството на населението на возраст од 65 и повеќе години во вкупното население се зголемило од 13,5 проценти во 2014 година на 18,6 проценти во 2024 година. Тоа значи дека Македонија се соочува со забрзано стареење на населението, што неминовно ја зголемува потребата од социјални, здравствени и долгорочни услуги за возрасните лица.

Во овој контекст, значајно е и развивањето на други форми на поддршка за повозрасните граѓани. Во Прилеп е предвиден и Центар за дневен престој на стари лица со активно стареење, со капацитет до 48 корисници, кој ќе опслужува и граѓани од општините Долнени и Кривогаштани. Овој вид услуга претставува дополнување на институционалната грижа, бидејќи им овозможува на повозрасните лица да добиваат поддршка и социјални активности, а притоа да продолжат да живеат во своите домови и семејства.

Во меѓувреме, поддршката за прилепскиот Дом доаѓа и од локалната заедница и општествено одговорните компании. Во рамките на Неделата за грижа за старите лица, Општина Прилеп и Тутунскиот комбинат донираа десет телевизори за потребите на корисниците. Со пригодна приредба под мотото „И ние сме ваши деца“ беше испратена порака за почит, внимание и грижа кон генерациите кои со својот животен и работен придонес ја граделе заедницата.

Инаку, „Киро Крстески-Платник“ е јавна општинска установа која, покрај сместувањето и исхраната, обезбедува помош и нега, здравствена заштита, психосоцијална поддршка, како и културно-забавни и рекреативни активности. Неговата улога, затоа, не е само да обезбеди покрив над главата за повозрасните лица, туку и да им овозможи достоинствен, безбеден и исполнет живот.

Предизвиците со кои се соочува установата покажуваат дека грижата за старите лица не може да се сведе само на обезбедување сместување. Потребни се соодветни услови, доволен број стручни и посветени вработени, современа опрема и постојана финансиска поддршка. Зголемената блок-дотација и најавите за нови вработувања се позитивен чекор, но долгорочното решение ќе бара и системски пристап кон проширувањето на капацитетите.

Бидејќи достоинствената старост не треба да биде привилегија, туку право на секој човек.

Слични Објави