Осум активни пожари во земјава – Најсериозно кај Чаниште, огнот се шири кон Крушевица и Лопатица
Во Македонија денеска се регистрирани вкупно 12 пожари на отворен простор, од кои осум се активни, а четири се изгаснати, информира Центарот за управување со кризи.
Најсериозна е состојбата во општина Прилеп, кај селото Чаниште, каде пожарот се шири во повеќе правци. Огнот зафатил ниска вегетација и се движи кон Крушевица и Лопатица, кон Црна Река, како и кон селото Орле во општина Новаци. Пожарот има крак и кон село Мојно во општина Могила.
Во гаснењето се ангажирани противпожарни екипи и тимови на Дирекцијата за заштита и спасување. Според најавите, дополнителна помош треба да пристигне од Неготино и Скопје, особено за обезбедување на подрачјето околу Крушевица.
Активни пожари има и во Крушево, каде гори кај селата Белушино и Јакреново, при што е зафатена ниска вегетација и деградирана дабова шума.
Пожар е активен и во Студеничани, на потегот Моране – Вртекица – Рамни Габер, каде гори мешана шума.
Во Македонски Брод гори на месноста Видуш, кај селата Драгов Дол и Локвица, со зафатена ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки.
Активен пожар е регистриран и кај село Тајмиште во Кичево, на месноста Дарда, каде е зафатена високостеблеста букова шума.
Во Велес пожарот кај селото Караслари зафатил ниска вегетација и грмушки, додека во Липково, кај селото Никуштак, гори ниска вегетација и шума.
Пожар има и на подрачјето на Куманово, кај селата Кучкарево и Градиште, каде гори ниска вегетација.
Состојбата на теренот и понатаму се следи, а екипите остануваат ангажирани на локализација и гаснење на активните пожари.



