ДЗР: Лебот во студентскиот дом „Пелагонија“ достигнал 126 денари за килограм
Државниот завод за ревизија утврдил низа недоследности во јавните набавки и контролите при работењето на Државниот студентски дом „Пелагонија“ – Скопје. Меѓу највпечатливите наоди е набавката на леб, за кој во 2025 година била плаќана цена од 126 денари за килограм, значително над пазарната цена од околу 70 денари.
Ревизорите констатирале дека проблеми со евидентирањето на лебот постоеле и во претходните години. Во 2023 година договорената цена била 57,46 денари за килограм, но при реализацијата едно парче леб било фактурирано како да тежи еден килограм.
Дополнително, лебот не се мерел, односно не постоела соодветна контрола на реално испорачаната количина. Поради слабите внатрешни контроли, неправилноста била откриена дури кон крајот на 2024 година.
„По воведувањето дневна евиденција, месечните фактури во 2025 година се значајно намалени во однос на 2024 година“, наведува ДЗР.
Ревизорите оценуваат дека високата цена на лебот во 2025 година, во споредба со пазарната, укажува на неекономично користење на јавните средства и слабости во контролата на јавните набавки.
Проблеми и со набавката на душеци
Ревизијата открила недоследности и при набавката на душеци за студентите. Во 2023 година биле набавени 250 душеци во вкупна вредност од околу 1,174 милиони денари, но тие не биле ставени во употреба.
Причината била тоа што душеците имале различни димензии од оние предвидени во техничката спецификација. Ревизорите утврдиле и дека за приемот на душеците немало соодветна документација.
Дополнително, претходно биле набавени уште 450 душеци од истиот добавувач, иако постоечките биле во добра состојба. Поради несоодветните димензии во однос на креветите, според ДЗР, била нарушена нивната стабилност и статика.
Само една понуда за дел од набавките
Ревизорите утврдиле слабости и кај набавките на свежо месо, преработки од месо, месни производи, риба и земјоделски производи.
Во повеќе случаи била доставена само една понуда, а договорите биле склучувани во висина на проценетата вредност, без однапред дефинирани количини.
Кај производите што редовно се набавувале биле понудени цени повисоки од пазарните, додека за артиклите што не се набавувале биле понудени нереално ниски цени. Во таквите случаи, според ревизорите, не било побарано дополнително образложение од економските оператори.
ДЗР констатирал и надминување на договорените вредности кај дел од договорите, што, според ревизорите, укажува на недоволна контрола и неекономично користење на јавните средства.
Ревизорскиот извештај опфаќа финансиска ревизија и ревизија на усогласеност на работењето на Државниот студентски дом „Пелагонија“ – Скопје
Линк до Конечен ревизорски извештај: dzr.mk
https://dzr.mk/…/KRI_DSD_Pelagonija_osnoven_budzet_603…
https://dzr.mk/…/KRI_DSD_Pelagonija_samofinansiracki…



