Девет лица повредени во тешка сообраќајна несреќа на патот Прилеп–Битола
Девет лица се повредени во тешка сообраќајна несреќа во која учествувале четири возила, а која утрово се случила на магистралниот пат Прилеп–Битола, во близина на мостот кај Шемница.
Тешка сообраќајна несреќа утрово го блокираше магистралниот пат А3 Битола – Прилеп, во близина на мостот на реката Шемница. Во верижниот судир учествувале четири возила, а сообраќајот на оваа делница е во целосен прекин од 09:00 часот.
Повредените биле пренесени во Клиничката болница во Битола, каде што им била укажана лекарска помош. Еден од нив се здобил со потешки повреди и веднаш бил префрлен во операциона сала. Од останатите, шестмина се задржани на лекување на Одделението за хирургија, додека тројца, по извршените прегледи и укажаната медицинска помош, биле пуштени на домашно лекување.
Меѓу повредените има и државјанин на Србија. Според директорката на Клиничката болница, двајца од пациентите се сместени на Одделението за ортопедија, а останатите се згрижени на хирургија. Таа истакна дека здравствената установа е подготвена да одговори на ситуацијата и дека сите пациенти се под постојан медицински надзор.
Надлежен јавен обвинител извршил увид на местото на несреќата и издал повеќе наредби за целосно утврдување на причините и околностите под кои се случил судирот.


