Фиктивно се доделувале туѓа нега и инвалидски пензии – полициска акција
Голема полициска акција – Сомнение за масовни злоупотреби при доделување инвалидски пензии
Утринава, Министерството за внатрешни работи (МВР), во координација со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), започна обемна полициска акција на неколку локации низ Македонија, насочена кон разбивање мрежа на организирана корупција поврзана со незаконско доделување на права за туѓа нега и инвалидски пензии.
Според првичните информации, под сомнение се наоѓаат околу 50 лица, меѓу кои доктори специјалисти, членови на стручни комисии од Пензискиот фонд, адвокати, вештаци и управител на консултантско биро. Се сомничат за злоупотреба на службената положба, поткуп и фалсификување документација со цел незаконско стекнување права на надоместок, што нанело сериозна финансиска штета на Фондот за здравство.
Извршени се претреси на неколку медицински установи, вклучително и на Клиниката за неврологија и Клиниката за психијатрија во Скопје. Неофицијално, полицијата претресувала и канцеларии на докторки специјалисти кои се под истрага, како и домови на поранешни директори на здравствени установи. Станува збор за сериозни индиции за организирана криминална активност која со години ја оштетувала државната каса и поткопувала довербата во здравствениот и социјалниот систем.
Од ОЈО ГОКК најавуваат дека по завршувањето на оперативните дејствија, јавноста ќе биде информирана со повеќе детали. Според неофицијални информации, во рамки на предистражната постапка биле користени посебни истражни мерки, вклучително и следење комуникации, со што биле документирани директни контакти меѓу осомничените и случаи на давање и примање поткуп.