|

По инцидентот со пукањето во Прилеп-Центрите за социјална работа добиваат обезбедување

По вооружениот инцидент во Центарот за социјални работи во Прилеп, каде што на 24 март беше ранета социјална работничка, Министерството за труд и социјална политика заврши јавната набавка за ангажирање на обезбедување во сите 37 центри низ земјата. Очекувањата се дека за еден месец ќе стапи во сила договор со избраната компанија, која ќе обезбедува 60 лица за физичка заштита на објектите.

„Со оваа мерка го исполнуваме ветувањето дека ќе обезбедиме поголема сигурност за вработените, особено во установи каде што се работи со граѓани кои често се наоѓаат во тешки животни ситуации,“ изјави заменик-министерот за социјална политика, Ѓоко Велковски, при посетата на Прилеп.

Обезбедувањето ќе има задача да врши контрола при влез во објектите, при што граѓаните ќе влегуваат само со покана или по претходна селекција. Од Министерството нагласуваат дека социјалните центри мора да останат достапни, но и безбедни за вработените и корисниците.

Директорот на прилепскиот Центар за социјални работи, Зоран Малкоски, вели дека вработените ќе се чувствуваат посигурно со присуството на обезбедување.

„По нападот, дел од колегите беа на боледување по препорака од психијатри и психолози, а повредената колешка сѐ уште се опоравува. Сепак, услугите кон граѓаните не беа прекинати. Верувам дека оваа мерка ќе придонесе за поголема сигурност на работното место,“ изјави Малкоски.

Инцидентот што се случи на 24 март, кога вооружен прилепчанец влезе во Центарот и отвори оган, ја отвори јавната дебата за безбедноста на социјалните работници. Основното јавно обвинителство во Прилеп сѐ уште ја води истражната постапка против осомничениот, кој е во притвор.

Слични Објави