Активни се четири пожари во Нивичино, Македонски Брод и Прилепско
Најсериозна е ситуацијата во Василево, Македонски Брод и Прилеп – пожарите горат шуми и вегетација, терените се тешко пристапни
Македонија повторно е зафатена од сериозен бран пожари. Според последните информации од Центарот за управување со кризи, заклучно со 8:00 часот денес (21 јули 2025), низ државата се евидентирани 22 пожари на отворен простор. Од нив, четири пожари се сѐ уште активни, три се ставени под контрола, а петнаесет се целосно изгаснати.
Најзагрижувачка е состојбата во општина Василево, каде што во близина на селото Нивичино гори нискостеблеста шума, густи грмушки и сува вегетација. Пожарот се шири со голема брзина, поттикнат од силен ветер и исклучително суво време.
Во Македонски Брод активни се две жаришта – кај селото Грешница, каде што пламените јазици зафатија мешана шума и трева, како и на релацијата меѓу Црешнево, Локвица и Крапа, каде што гори деградирана дабова шума. Огнот таму се движи во неколку правци и е сериозна закана за шумскиот екосистем.
Сериозна е и ситуацијата кај Прилеп, меѓу селата Царевиќ и Смолани, каде што пожарникарите и локалното население се борат со оган на тежок и непристапен терен.
Од пожарите кои се ставени под контрола, најобемен бил оној кај Желино, кој се проширил кон планината Жеден, каде што биле зафатени грмушки и нискостеблеста шума. Во Велес, кај селата Џидимирци, Крушје и Иванковци, и во Струга, меѓу селата Октиси и Белица, пожарите се исто така стабилизирани.
Петнаесет пожари се целосно изгаснати. Меѓу нив се и оние кај селата Студеничани, Долно Свиларе, Горно Коњари, Селце, Бунеш, Слатина, Слупчане, Псача, Железница, како и на урбани и индустриски локации во Виница, Куманово, Кратово, Гостивар и Ресен.
И покрај тежок терен и ограничен пристап, интервенциите на пожарникарите, локалните жители и институциите биле навремени и ефективни.



