Во Ликовната галерија започна тридневна работилница за мозаик

Во Ликовната галерија започна Работилницата за мозаик, која Центарот за култура ја реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам. Во наредните три дена, 15 ученици ќе имаат можност да се дружат, да творат и да се запознаат со мозаикот како една од најстарите и највпечатливи ликовни техники.

Предавач и ментор на работилницата е м-р Александра Димитрова, која на почетокот ги запозна учесниците со основите на мозаичната уметност, процесот на осмислување на композицијата, изборот и обработката на материјалите, како и практичната изработка на сопствени дела.

„Мојата цел како ментор е да ги поттикнам креативноста, трпеливоста и индивидуалниот уметнички израз кај секој учесник, овозможувајќи простор за истражување, учење и создавање. Верувам дека мозаикот не е само техника, туку и начин на размислување – процес во кој од многу различни елементи се создава хармонија и убавина“, истакна Димитрова.

Таа посочи дека мозаикот е уметност составена од мали делови, но со големи приказни, при што секое парче носи свое значење и придонесува кон создавање на единствена целина.

Координатор на проектот е Марјан Стојаноски.

Работилницата е дел од активностите насочени кон поттикнување на креативноста и развојот на ликовната култура кај младите, преку непосредна работа и запознавање со различни уметнички техники.

Слични Објави