До 11.000 евра грант за младите повратници од странство – во Оперативниот план за вработување 2026

Оперативниот план за вработување за 2026 година – За реализација на мерките се обезбедени 40 милиони евра, а од Министерството за економија и труд очекуваат преку програмите да бидат опфатени меѓу 5.500 и 6.000 невработени лица низ државата.

Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, информираше дека годинашниот план носи неколку значајни новини насочени кон поттикнување на претприемништвото, самовработувањето и отворањето нови работни места.

Според предвидените мерки, младите лица до 29 години ќе можат да добијат грант до 10.000 евра за започнување сопствен бизнис, додека за лицата над 29 години финансиската поддршка ќе изнесува до 7.000 евра.

Дополнителна можност е предвидена за младите кои ќе се здружат и ќе основаат компанија. Доколку две лица до 29 години формираат друштво со ограничена одговорност, ќе можат да добијат финансиска поддршка до 20.000 евра за развој на својот бизнис.

Една од најзначајните новини во Оперативниот план е вклучувањето на младите повратници од странство. За првпат оваа категорија граѓани ќе има право на дополнителни 10 проценти од вредноста на грантот за самовработување.

„Доколку станува збор за лице до 29 години кое се враќа од странство, наместо 10.000 евра ќе може да добие 11.000 евра поддршка за започнување сопствен бизнис“, изјави Ристески.

Од Министерството посочуваат дека дел од средствата биле пренасочени од мерки кои во изминатите години покажале помал интерес кај граѓаните, со цел да се зголеми поддршката за програмите за самовработување и директно отворање нови работни места.

Новина е и воведувањето образовен критериум за дел од најатрактивните мерки. За аплицирање ќе биде потребно кандидатите да имаат завршено најмалку средно образование, што според надлежните треба да придонесе за поголема успешност и одржливост на поддржаните бизниси.

Јавниот повик за аплицирање на мерките од Оперативниот план за вработување се очекува да биде објавен следната недела преку Агенцијата за вработување, по што заинтересираните граѓани ќе можат да ги поднесат своите апликации.

Владата очекува мерките да придонесат за намалување на невработеноста, задржување на младите во земјата и создавање нови можности за економски развој преку поддршка на претприемништвото и малите бизниси.

Слични Објави