МВР: Тројца работници затрупани на градилиште
Тројца работници утрово биле затрупани при ископ на темели на градилиште на улицата „Козјак“ во скопската општина Кисела Вода, информира Министерството за внатрешни работи.
Според информациите, настанот бил пријавен во 08:17 часот во СВР Скопје. Двајца од затрупаните работници се извлечени и со возило на Итна медицинска помош се пренесени во Комплексот клиники „Мајка Тереза“.
Во меѓувреме, во координација со Центарот за управување со кризи и Бригадата за противпожарна заштита, продолжуваат активностите за извлекување на третото лице.


