10-ти декември – Светски ден на човековите права
Денес се потсетуваме на важноста на човековите права и нивната примена, за обезбедување на еднаква правда, можности и достоинство без дискриминација за сите!
Зошто е значаен 10 декември и дали ние како човечки битија сме свесни за свои права и одговорности?
На овој ден, во 1948 година, усвоена е Универзалната декларација за човековите права од страна на Генералното Собрание на Обединетите Нации како резултат на Втората Светска Војна и последователните злосторства на коишто човештвото било сведок. Универзалната декларација за човековите права претставува пресвртница во историјата на човековите права како документ подготвен од страна на претставници со различно правно и културно потекло од сите региони во светот.
Со овој историско значаен документ, составен од 30 члена, нашите основни права се универзално заштитени и низ историјата е признаен како инспирација за усвојување на уште многу договори кои денес се применуваат на глобално и регионално ниво. Според член 1 и 2 од Декларацијата, сите човечки суштества се раѓаат слободни и еднакви во достоинство и права, при што секој има право на сите права и слободи наведени во оваа Декларација, без каква било разлика, како што се раса, боја, пол, јазик, религија, политичко или друго мислење, национално или социјално потекло, имот, раѓање или друг статус. Поради важноста на овој документ, секоја година, на 10 декември,
Обединетите Нации и земјите членки го одбележуваат денот на усвојувањето на Декларацијата или денот на човековите права преку организирање на кампањи со различни теми. Целта на овие кампањи е нагласување на основите човекови права на секој човек, како и ширење на свесноста и промовирањето на правата и слободите наведени во Универзалната декларација за човековите права.
Сепак, повеќе од седум децениии подоцна, идеалот за слобода и правда за сите сѐ уште е недостижен, а глобалната криза предизвикана од војнте и другите конфликти ширум светот го направи уште подалечен. Маргинализираните, ранливите и сиромашните најсилно ги чувствуваат ефектите од кризата поради дискриминацијата на која се изложени. Продолжува општествената поларизација што е резултат на дезинформациите и лажните вести во дигиталниот простор, каде се случува досега невидена поделеност меѓу луѓето насекаде низ светот, со огромни последици, пред сѐ, врз солидарноста кон послабите и нивото во јавната комуникација.



