Камерите на безбеден град од денеска ги ловат сообраќајните прекршоци

Системот за видео-надзор и автоматско санкционирање „Безбеден град“ од денеска и официјално започна со работа, а првиот ден од примената помина без регистрирани поплаки од граѓаните и без поголеми проблеми на терен.



Од денес започна примената на „Безбеден град“ на територија на градовите Скопје, Куманово и Тетово, како и на коридорите 8 и 10, но со поголем праг на толеранција, со цел возачите постепено да се прилагодат на новиот начин на контрола. Наместо вообичаените 10%, во првите месеци ќе важи толеранција од 15% над дозволената брзина,

Премиерот Христијан Мицкоски информираше дека стартот бил мирен и дека институциите внимателно ја следат имплементацијата на системот, кој има за цел да ја подобри безбедноста во сообраќајот и да го намали бројот на сообраќајни незгоди.

Во почетната фаза, Владата и Министерството за внатрешни работи донеле одлука да се воведе повисок праг на толеранција при мерењето на брзината. Наместо европскиот стандард од 10 проценти, во првите месеци ќе важи толеранција од 15 проценти над дозволената брзина.

„Ова е транзициски период. Не сакаме граѓаните веднаш да бидат казнувани, туку постепено да се навикнат на системот. Како што ќе расте сообраќајната култура, така ќе се враќаме на европските стандарди“, изјави Мицкоски.

И министерот за внатрешни работи Панче Тошковски појасни дека со новиот правилник се утврдени конкретни граници на толеранција. Кај ограничувањата до 50 километри на час дозволено е пречекорување од 6 км/ч, од 50 до 100 км/ч толеранцијата е 9 км/ч, а над 100 км/ч – 12 км/ч. Тоа значи дека, на пример, во зона со ограничување од 50 км/ч казна ќе следува дури при брзина од 60 км/ч.

Во првата фаза системот ќе санкционира четири вида прекршоци: пречекорување на брзината, минување на црвено светло, управување возило со истечена регистрација и непрописно запирање или паркирање. Казните ќе се изрекуваат автоматски, со фотографски доказ, без директен контакт меѓу полицијата и возачите.

Од МВР велат дека ваквиот начин ќе ја зголеми транспарентноста и ќе го намали просторот за селективност, а граѓаните кои ќе добијат погрешно известување ќе можат да пријават грешка во полициска станица, по што податоците ќе бидат проверени и коригирани во рок од 24 часа.

На терен, пак, веќе се забележуваат промени во однесувањето на возачите. На повеќе сообраќајници во Скопје се регистрирани намалени брзини, повнимателно возење и почесто запирање пред пешачки премини. Според првичните впечатоци, возачите настојуваат да ги почитуваат правилата за да избегнат казни.

Сепак, реакциите во јавноста се поделени. Дел од граѓаните го поддржуваат проектот, оценувајќи дека е крајно време да се воведе ред во сообраќајот, додека други стравуваат дека системот може да се користи за полнење на буџетот или дека ќе создаде проблеми во ситуации со итни случаи.

Од Владата потенцираат дека целта не е финансиски ефект, туку спасување животи.

„Ова не е проект за полнење на државната каса, туку проект за спасување човечки животи. Ако ги намалиме несреќите и жртвите, тогаш сме ја постигнале целта“, порача Мицкоски.

Со целосното ставање во функција на „Безбеден град“, надлежните очекуваат значително намалување на сообраќајните прекршоци и потешките сообраќајни несреќи.

Слични Објави