Вработени во „Наша Иднина“ бараат итна исплата на надоместок: „Правото веќе е утврдено“
Дел од вработените во ЈОУДГ „Наша Иднина“ од Прилеп реагираат поради одложувањето на исплатата на надоместокот за работа во групи со зголемен број на деца.
Како што информираат, по поднесеното барање добиле одговор дека се чека донесување на правилник преку ЗЕЛС.
Денес тие поднеле и официјално укажување и известување, со кое бараат итно постапување и донесување конкретна одлука.
„Сакаме јасно да укажеме дека правото на овој надоместок веќе е утврдено со Колективниот договор и не може да се одложува. Зад зборови како ‘постапка’, ‘правилник’ и ‘во тек’ не смее да се крие одложување на нешто што веќе е обврска“, велат вработените.
Тие очекуваат Управниот одбор во најкус можен рок да донесе конкретна одлука и да се реализира исплатата.




