Австрија отвори почесен конзулат во Битола
Со пригодна свеченост денеска во Битола беше отворен почесниот конзулат на Република Австрија. Функцијата почесен конзул ќе ја извршува битолчанецот Игор Божиновски, а конзулатот е сместен на улицата „Виенска“.
На свеченото отворање присуствуваа и се обратија австрискиот амбасадор во земјава Мартин Памер, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, почесниот конзул Игор Божиновски, како и градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски.
Градоначалникот Коњановски ја истакна важноста од отворањето на уште еден конзулат во Битола, нагласувајќи дека тоа претставува значаен чекор кон продлабочување и интензивирање на соработката меѓу Битола и Австрија.
„Битола од денеска е побогата за уште еден конзулат, сега од пријателската држава Австрија, со што го враќаме епитетот – Битола, конзулски град“, истакна Коњановски пред присутните гости, дипломатскиот кор, пратениците и претставниците на институциите.
Со отворањето на почесниот конзулат на Австрија, Битола сега има вкупно седум почесни и два генерални конзулати, што дополнително ја зацврстува нејзината улога како значаен дипломатски и меѓународен центар во земјава.



