Министерството го поништи одобрението за сечење на две дрва кај ООУ „Кочо Рацин“
Министерството за животна средина и просторно планирање ја уважи жалбата на адвокатот Жарко Стевановски против одобрението на Градоначалникот на Општина Прилеп за сечење на две високи листопадни дрва во близина на игралиштата во училишниот двор на ООУ „Кочо Рацин“.
Во решението со датум 25 август 2026 година, Министерството констатира дека постапката не била правилно и целосно спроведена и дека не била завршена со донесување решение согласно одредбите од Законот за урбано зеленило.
Од доставената документација, како што наведува Министерството, произлегува дека Градоначалникот на Општина Прилеп го издал одобрението број 03-1629/3 на 22 мај 2026 година, врз основа на Одлуката за комунален ред и мерки за нејзино спроведување, но без да ги примени, односно земе предвид релевантните одредби од Законот за урбано зеленило.
Министерството оценило дека жалбата е основана и го задолжило Градоначалникот на Општина Прилеп да постапи согласно Законот за урбано зеленило и да донесе соодветно решение со кое повторно ќе се одлучи по барањето.
Со други зборови, одобрението за сечење на дрвјата не останува во сила, а Општина Прилеп треба да спроведе нова постапка согласно законските правила.
Против решението на Министерството е дозволено поведување управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од приемот на решението.




