|

Прилеп под инспекциска лупа – Контроли во образование, угостителство…

Општина Прилеп во изминатиот период спроведе засилени инспекциски контроли во повеќе сектори за зголемување на безбедноста. Просветниот инспекторат изврши контроли во сите основни и средни училишта, при што не беа утврдени неправилности. Во угостителскиот сектор, комуналната и даночната инспекција санкционираа дел од објектите за незаконско користење јавни површини и неплатени такси. Истовремено, инспекторот за животна средина потврди дека компаниите се усогласени со регулативите за управување со отпад. Во продолжение ФБ изјавата од градоначалникот Борче Јовчески.

„Во име на Општина Прилеп и во мое име како градоначалник на Прилеп, сакам да ја информирам јавноста дека во изминатиот период беа спроведени засилени инспекциски надзори во повеќе сектори, со цел зголемување на безбедноста и заштитата на граѓаните, согласно актуелните случувања во државата.

Во периодот од 4 февруари до 6 март 2025 година, од страна на овластениот просветен инспекторат беа извршени редовни инспекциски надзори во сите основни и средни училишта во Општина Прилеп. Согласно наодите, не се утврдени никакви неправилности во функционирањето на образовните установи, а училиштата ги исполнуваат сите пропишани стандарди за безбедност. Исто така, тековно се вршат проверки во сите детски градинки, а согласно информациите од училиштата, Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и Центарот за управување со кризи (ЦУК) редовно вршат контроли, при што сите пропишани мерки се почитуваат.

Паралелно со овие надзори, во периодот од 19 до 24 март 2025 година, комуналната и даночната инспекција на Општина Прилеп изврши вонредни инспекциски контроли во 24 угостителски објекти. На дел од субјектите им беа изречени опомени за понатамошно постапување согласно законските прописи, особено во делот на користење јавна површина, плаќање комунални такси и даноци, како и одржување на јавната чистота.

Дополнително, во периодот од 20 до 24 март 2025 година, овластениот инспектор за животна средина изврши контрола на повеќе правни субјекти. При надзорот беше утврдено дека истите поседуваат соодветни елаборати и програми за управување со отпад, со што се потврдува нивното усогласување со законските регулативи.

Како градоначалник, во координација со Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС), со колегите градоначалници и согласно препораките на Владата на Република Македонија, ќе продолжиме со координирано делување.

Наш приоритет останува безбедноста на сите наши сограѓани, создавање сигурни услови за работа, квалитетно образование за нашите деца и подобрување на квалитетот на живот за сите жители на Општина Прилеп.

Ги повикувам сите граѓани, институции и стопански субјекти да останеме одговорни и посветени на заедничката цел – безбедна и просперитетна заедница за сите.“

Слични Објави