Ноември во знак на машкото здравје – Информативен штанд на плоштадот во Демир Хисар
Во рамките на ноември – месецот посветен на подигнување на свеста за машкото здравје – денес на градскиот плоштад „8 Септември“ во Демир Хисар беше поставен информативен штанд со едукативни материјали за превенција, рано откривање и грижа за здравјето на мажите. На посетителите им беа достапни флаери и брошури со корисни информации за значењето на редовните прегледи и препознавање на раните симптоми на одредени заболувања.
Градоначалникот Најдовски ја поздрави иницијативата и нагласи дека грижата за машкото здравје е важна тема која често се занемарува.
„Во иднина ќе работиме на подигање на свеста, организирање едукативни настани, превентивни прегледи и иницијативи што ќе ги охрабрат мажите да го стават сопственото здравје на прво место. Заедно можеме да создадеме поколение на посилни, поздрави и посвесни мажи,“ истакна градоначалникот, кој зеде активно учество во активностите.
Настанот е реализиран во согласност со Годишната програма за еднакви можности на жените и мажите во Општина Демир Хисар за 2025 година. Организатор на едукативната активност беше Општина Демир Хисар, во соработка со ЈЗУ Здравствен дом Демир Хисар и Општинската организација на Црвениот крст.
Координаторот за еднакви можности, Даниел Станојоски, информираше дека ваквите активности ќе продолжат и во текот на следната година со цел поголема едукација и мотивирање на мажите да водат погрижлив и превентивен пристап кон сопственото здравје.


