Продлабочување на соработката со Словенија – фокус на младите и образованието
Во Општина Прилеп денеска се одржа протоколарна средба меѓу градоначалникот Дејан Проданоски и амбасадорот на Република Словенија во земјава, Н.Е. Грегор Прескер, на која во фокусот беше унапредувањето на меѓусебната соработка и отворање нови можности за заеднички иницијативи, за продлабочување на досегашната успешна соработка и поддршка.
На средбата се разговараше за продлабочување на досегашната успешна соработка и поддршка, како и за иницијативата за обновување на протоколот за збратимување со словенечкиот град Копер. Посебен акцент беше ставен на образованието, имајќи предвид дека значителен број млади од Прилеп своето образование го продолжуваат токму во Словенија, што дополнително ја нагласува потребата од зајакнување на врските во оваа област.
Во рамки на посетата, градоначалникот и амбасадорот ја посетија и обуката „Филигран и Рубин“, која се реализираше во СОУ „Орде Чопела“, како дел од проектот „Вештини – клучот на зелената економија“. Обуката е насочена кон развој на практични вештини кај младите, со фокус на традиционалните занаети и нивна современа примена.
„Голем број наши млади сограѓани своето образование го продолжуваат во Словенија, што за нас претставува дополнителен мотив да ги зајакнеме врските во оваа област, но и во други сфери од заеднички интерес. Посветени сме на создавање услови младите да стекнуваат знаења и вештини кои ќе им овозможат личен и професионален развој“, нагласи Проданоски.
Тој додаде дека иницијативата за обновување на збратимувањето со Копер ќе отвори нови можности за соработка на локално ниво, размена на искуства и реализација на заеднички проекти.
„Особено сум горд што преку вакви проекти ги промовираме нашите природни богатства, како прилепскиот мермер и македонскиот рубин, а истовремено им даваме можност на младите да стекнат практични вештини и да размислуваат за сопствени бизнис идеи. Со тоа не само што ја негуваме традицијата, туку и создаваме основа за економски развој“, истакна градоначалникот.
Притоа беше истакнато значењето на промоцијата на прилепскиот мермер и македонскиот рубин како дел од природното и културното наследство, но и како потенцијал за развој на креативни индустрии и стартап бизниси кај младите.
Од Општина Прилеп нагласуваат дека ваквите иницијативи имаат двоен ефект – придонесуваат за економски развој и истовремено ја зачувуваат традицијата и културниот идентитет.


