|

Џудо клубот „Сеишин“ 2026 ја започна во Холандија!



Џудо клубот „Сеишин“ од Прилеп ја започна 2026 година со настап на голема меѓународна сцена. Членките на клубот, сестрите Тамара Илиоска и Теодора Илиоска, го имаа својот прв натпреварувачки настап годинава на еден од најпрестижните џудо турнири во Европа – Matsuru Dutch Open Espoir, кој се одржа во Ејндховен, Холандија.

Турнирот се одржа во исклучително силна конкуренција, со учество на 1.528 натпреварувачи од 272 клубови и 17 држави, што го вбројува меѓу најмасовните џудо настани во Европа. Во категоријата –57 кг, во која настапија двете џудистки од „Сеишин“, се натпреваруваа вкупно 53 натпреварувачки.

Тамара и Теодора Илиоска беа единствените претставнички од Македонија на овој турнир, со што достојно го претставија македонското џудо и Џудо клуб „Сеишин“ – Прилеп на меѓународната сцена.

Тамара Илиоска настапи во борба против натпреварувачка од Холандија, а потоа и во репесаж дуел со џудистка од Хамбург, Германија.
Теодора Илиоска имаше слободно прво коло, по што се соочи со натпреварувачка од Холандија, а во репесажот настапи против претставничка од Германија.

Иако овојпат не беше остварен пласман, настапот на ваков силен и масовен турнир претставува драгоцено искуство, важен чекор во натпреварувачкиот развој на двете џудистки и значајна промоција на Џудо клуб „Сеишин“ – Прилеп и македонското џудо на меѓународно ниво.

Од клубот истакнуваат дека се горди на прикажаната борбеност, посветеност и спортски дух на Тамара и Теодора Илиоска, потенцирајќи дека овој настап е само почеток на нивниот меѓународен пат. 🥋🇲🇰

Слични Објави